Иновативно училиште „Спрунгбрет” е името на меѓународниот проект во кој учествуваат студенти и професори од неколку европски држави, меѓу кои и Македонија. Учесниците во проектот, неодамна беа гости на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Тие учествуваа во практичниот дел од проектот и во компанијата „Фејдом” работеа дизајн на мебел со помош на дрвени палети.
Студентите и професорите кои беа во Македонија се од сродни факултети во Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Русија и Швајцарија.
Апсолвентката Ангелина Шулевска вели дека за неа учеството во овој проект се од големо значење пред се` заради искуството кое се стекнува.
- Во овој проект учествуваат апсолвенти и магистри. Се пријавивме на конкурс, темата беше „Одржлив дизајн со материјали кои се обновливи”. Во Швајцарија ги презентиравме нашите дизајни, нашите тези. Се запознавме со работата на нивниот факултет и лаборатории. Тамошните студенти имаат поразвиена програма и поснабдени лаборатории кои ги користат сите студенти. Имаат можност, она што теоретски го учат да го пробаат во лабораторија. Сметам дека производството на мебел е исплатлив бизнис бидејќи мебел е секогаш потребен – вели Шулевска.
Деканот проф. д-р Зоран Трпоски, пред своите колеги од европските земји го претстави Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер.
- Овој факултет е следбеник на четиридецениската традиција на студиите од областа на дрвната индустрија, механичката технологија на дрвото, како и проектирањето на мебел и ентериер, кои до 2010 година се организираа во рамките на студиските програми на Шумарскиот факултет. Ова е единствена високообразовна и научно-истражувачка институција од областа на технологиите на дрво иу дизајн на мебел и ентериер и според наставно-образовната и научно-истражувачката дејност, припаѓа во групата на биотехнички науки – рече проф. Д-р Трпоски.
Професорот Курт Вутрих, кој е одговорен за проектот изјави дека сето ова се прави со цел студентите да се здобијат со вештини кои во иднина ќе ги користат за да заработуваат.
- Проектот започна да се реализира пред четири години. Тогаш сфативме дека треба и да се интернационализира. Почнавме со студентски работилници. Очекувам дека мнозинството од вас ќе работат како инжинери во индустријата или во економијата. По завршување на факултетот не е лесно да се најде работа, па затоа со овој нов пристап успеавме да го убедиме „Меркатор”, финансиерот на проектот, дека ова што го правиме е добро - рече Вутрих.
Т.н wood science е многу популарно во Словенија, бидејќи во државата има многу шуми, рече професорот кој го претстави Биотехничкиот факултет при Универзитетот во Љубљана. На овој универзитет има 23 факултети и три академии. На Биотехничкиот факултет студираат 2.200 студенти, а вработени се околу 300 професори и асистенти.
Доцент д-р Дамир Хоџиќ од Техничкиот факултет во Бихаќ го претстави факултетот и студиите по дрвна инсдустрија. Неговиот колега проф. д-р Атиф Хоџиќ, пак, истакна дека со проектот се овозможува размена на студенти и можност секој од нив да ги презентира своите презентации.
-Тоа е искуство за нив, гледаат како се студира во други држави, имаат меѓусебна соработка. Кај нас на овој отсек има 60 редовни студенти и 30 вонредни. Можам да кажам дека ова се перспективни студии - рече професорот Хоџиќ.