Громогласни аплаузи за целата екипа одекнаа од гледалиштето, по речиси тричасовната изведба
Многу љубов, полет, талент и радост на сцената без штедење споделија актерите, пејачите, балетските играчи кои прв пат во историјата на македонскиот театар го создадоа мјузиклот „Мама миа!“. Одличното кршење на мраз со „Чикаго“ минатата година, кое ни докажа на сите дека имаме жар и знаење за оваа сценска форма, со „Мама миа!“ дополнително се искристализира – македонската публика е гладна за големи дела.
Наташа Поплавска и овој пат ги употреби сите свои режисерски „моќи“ да поврзе стотина уметници на едно место и заедно да создадат ремек-дело. Не е мала работа да израдувате некого денес, а посебно кога тоа го правите преку уметност, смеа, музика? Тоа колективно чувство на заемно разменување енергија го прави театарот и сите изведувачки уметности возвишени.
Громогласни аплаузи за целата екипа одекнаа од гледалиштето, по речиси тричасовната изведба. Прво, голем аплауз за една актерка која во овој проект не беше на сцената, ама одигра клучна улога во проектот. Тоа е Тина Трпкоска, која ги преведе и препеа хитовите на АББА.
Хармонична актерска, балетска, пејачка синергија синоќа се случи на премиерата на сцената на Македонскиот народен театар.
Нина Деан ги покажа сите свои таленти, врвно пеење, танцување, партнерска игра и подадена рака на помладите колеги (Никола Наковски), актерите кои допрва доаѓаат. Дефинитивно, свето актерско „тројство“ го сочинуваа Билјана Драгичевиќ-Пројковска, Тања Кочовска и Арна Шијак. Тоа се актерки со големо А, такви за кои секој менаџер на театар би ги посакувал да ги има во својот ансамбл. Во брилијантна светло на публиката и се претстави единствениот Владимир Јачев, глумец со специфичен сензибилитет и шарм, кој МНТ дефинитивно треба многу повеќе да го има во своите проекти.
Одлично трио создадоа со Кире Ѓорески и Трајче Ѓоргиев, како контрапункт на женското „динамитно“ трио.
Со оркестарот диригираше Бисера Чадловска. За визуелниот дел на претставата ќе останеме со помалку зборови, оти самите многу зборуваат. Розе Трајчева-Ристовска направила префинети костими кои верно го отсликуваат времето на 70-те години на минатиот век.