Распродадени премиера и прва реприза – ова е сликата што ќе ве најде на билетарницата на Македонскиот народен театар, в очи премиерата на бродвејскиот мјузикл „Мама миа“, закажан на 24 декември во 20 часот. Огромниот тим од стотина уметници и технички кадар е подгтовен за прв пат да го видиме делото по музика и текст на Бени Андерсон, Бјорн Улвеус од популарната АББА, а режијата е на Наташа Поплавска. Проектот е копродукција помеѓу МНТ и „Проспот“ од Словенија.
Подготовките за мјузиклот траеја можеби една година, а за два месеца проектот беше целосно готов.
- Со „Чикаго“ ја отворивме историјата на мјузиклите во Македонија, сега продолжуваме со „Мама миа“. Ова за мене е подарок од Бродвеј. Не можам да опишам колку бев среќна кога продуцентот од Словенија ми се јави половина час пред премиера во Прилеп, да ми понуди да ја работам „Мама миа“. Многу сум горда со целата екипа. Имам и нови соработници, на страна на моите псотојани Олга Панго и Емил Петров. Текстот е одлично направен. Имаме весела претстава, таква од која се лачи ендорфин – истакна Поплавска.
Поплавска објасни дека биле организирани три аудиции на кои се пријавиле 178 актери и танчери, на страна на актерите од МНТ.
Преводот и препевот за „Мама миа“ ги направи актерката од МНТ, Тина Трпкова. Главните улоги ги толкуваат: Нина Деан, Јана Стојановска, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Кире Ѓоревски, Висар Вишка, Трајче Ѓоргиев, Владимир Јачев, Никола Наковски, Петар Стојанов, Арна Шијак, Тања Кочовска, Александра Павлова, Билјана Јовановска, Стефан Спасов, Александар Михајловски и Борјан Тетиев.
Актерите не го криеја задоволството што се дел од овој проект. Јана Стојановска истакна дека досега немала многу ангажмани и со танц и
дека ова и било преиспотување што се може да прави на сцената.
-Овој проект ми е големо училиште – рече Стојановска.
Таа и Нина Деан ја играат истата улога на Софи Шеридан.
- Оваа улога е мој сон. Чекав да се случи вакво нешто и максимално да ги истражам моите можности.
Голем удел во проектот, односно во пејачкиот дел имаа и Сара Николовска и Ана Костадиновска. Диригент ќе биде Бисера Чадловска, кореографијата е на Олга Панго, сценографијата на Александар Дениќ, а костимите – Роза Трајческа-Ристовска. Извршен продуцент е Симона Угриновска.
Драгиќевиќ-Пројковска е благодарна за улогата на Дона.
-„Мама миа“ е шоу од прв до последен чин – рече таа.
Тања Кочовска се пошегува дека требало да остари за да ја преземат во МНТ, со оглед на тоа дека таа направи трансфер од сцената на Театарот за деца и младинци. Таа заедно со дел од тимот изведе кус извадок од мјузиклот.
В.д директорот на МНТ, Драган Спасов-Дац истакна дека во цел театар одекнувале звуци од „Мама миа“. Тој најави дека е редно да се направи и целосно македонски музикл, за што најави дека сериозно размислува.
Проекти за наредната година што театарот е во план да ги создаде се: „Змеј“ од Нела Витошевиќ, „Прашина/Духот кој оди“ на Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, „Галеб“ на Нина Николиќ, а кон крајот на годината треба да работи Иван Поповски, а може тоа да биде „Убавицата и ѕверот“.
Во март ќе почне да работи и големиот италијански режисер Паоло Маџели.