X
 28.12.2017 Живот

Почитувајте ги талентите на своите деца, не скратувајте им ги крилјата

Програмирањето на детето од рана возраст да биде добар работник и потрошувач прави само 2 % од децата гении да ги имаат истите особини кога ќе бидат возрасни. Мал број луѓе слушнале, а да не зборуваме дека ја спровеле Масловата хиерархија на човечки потреби. Се работи за мотивациска теорија во психологијата преку која се смета дека луѓето имаат мотивација да задоволат одредени потреби, а некои да имаат предност над другите.


Основна потреба е физичкото опстанување, па првите четири се потреби што произлегуваат од недостаток, а петта е потребата за раст или постоење. Задоволувањето на потребите од пониските нивоа автоматски доведува до следното ниво. Константна останува само потребата за раст, која не може никогаш да биде целосно задоволена.

1. Биолошки/физиолошки потреби – вода, воздух, храна, пијалак, топлина, засолниште, секс, спиење итн.
2. Потреба за сигурност – заштита од болести, природни феномени, закон, стабилност итн.
3. Потреба за љубов и припаѓање – пријателство, доверба, прифаќање, давање љубов, припадност на група.
4. Потреба за почит – две категории: самопочитување и желба за почитување од другите.
5. Когнитивни потреби – знаење, разбирање, љубопитство, истражувачки дух, предвидување.
6. Естетски потреби – барање и почитување убавина, рамнотежа.
7. Самопотврдување – реализирање лични потенцијали, трагање по личен раст и искуства.
8. Трансцедентни потреби – личноста е мотивирана со вредностите што ги надминуваат личните потреби (на пример, мистични искуства, тантрички секс, религиозни потреби).

Иако секое лице поседува капацитет за раст, општествените и личните околности често го попречуваат овој процес. Лицата што го менуваат светот околу себе ги имаат следните карактеристики:

1. Ја сфаќаат реалноста, ги толерираат несигурните елементи околу себе.
2. Се прифаќаат себеси и лицата околу себе какви што се, животот го набљудуваат објективно.
3. Дејствуваат спонтано.
4. Се фокусираат на проблемот, а не на себе.
5. Имаат необична смисла за хумор.
6. Многу се креативни.
7. Не се намерно неконвенционални, заинтересирани се за повеќе цели.
8. Имаат длабоки меѓучовечки односи со помал број луѓе.
9. Имаат максимално животно искуство, а сакаат да ја заштитат приватноста.
10. Имаат силни морални/етички стандарди.

Ваквите лица го прифаќаат животот како деца, постојано наоѓаат нови патишта, а во постапките ги слушаат своите интуитивни чувства, наместо авторитетите, мислењето на масата или традиционалните мислења. Се обидуваат да бидат искрени, подготвени да бидат непопуларни, ако нивното мислење не е во согласност со мнозинството. Преземаат одговорност и се вредни.

Теоријата на Маслов вовела револуција во едукацијата. Мора да се задоволат сите стадиуми пред да се прејде на учење. Уморни, гладни деца нема добро да учат. Исто така, тие мора во училницата да се чувствуваат сигурно. Мора да им се подигне нивото на самодоверба, инаку нема да напредуваат.

Пред 10-ина години Кен Робинсон исто така внесе револуција во образованието. Неговиот метод „одвикнување од училиште“ подразбира мислење дека денешниот начин на образование не е воопшто добар. Робинсон вели дека денеска се уништува способноста за размислување „надвор од кутијата“.

Системот за едукација често не ги вреднува способностите на децата. Колку пати сте ја чуле реченицата „Од тоа не се живее“, кога некое дете ќе изрази желба да биде сликар или актер? Робинсон истакнува дека општеството има многу ограничена дефиниција за интелигенцијата, односно децата што немаат знаење за пишување или калкулирање се сметаат за лица со ограничени способности и образование.

Главно, денешниот систем се стреми кон создавање добри работници, а не креативни лица. Децата се учат да станат ефикасен дел од системот, да не прават грешки и да ги почитуваат авторитетите. На врвот на системот се математиката, техничките науки, а уметноста е често изборен предмет. Немирните деца, кои се најчесто најкреативни, се обележуваат како хиперактивни. Па, затоа психолозите советуваат родителите да не ги рушат природните таленти на децата, да не се вознемируваат поради послабите оценки од одредени предмети. Вистинските креативни лица сакаат само едно нешто, а сето друго им е здодевно.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот