29.12.2017
Живот
„Она на што ме научија планината и селото, не ме научи ниту училиштето ниту градот“
Планината и нејзиното далечно село не се само феноменално игралиште туку и една голема, зелена, добро проветрена училница. Таму се учат многу животни мудрости.
„Гледајќи ги своите деца како уживаат во благодатите на широкиот двор, не можам а да не се сетам како ми беше мене секој распуст, кога цела планина беше нашиот двор. Нашата земја од соништата, на која добро ја познававме секоја патека. Беше тоа детство што секој би им го посакал на своите деца.
Мора да знаеш кој си, кои се твоите предци, од каде дошле, од каде е твоето презиме. Само така нема да се посомневаш во својот пат. Нема да го изгубиш патот ако знаеш дека чесно и славно твоите предци гинеле за верата и татковината и честа на ближните. Тоа е лекција поважна од онаа дека печурките се отровни.
Секогаш можеш да помогнеш. Не е важно за каква работа станува збор. Додека возрасните го собираат сеното, децата можат да собираат овошки. Ништо не е тешко кога сите околу тебе се трудат да придонесат. Да се биде мрзлив и непослушен, беше најголемиот срам за едно дете. Ретки беа таквите. Речиси сите покажуваа дека се вредни и чесни луѓе кои ги почитуваат постарите.
На планина нема изобилство од храна, но има доволно. Тогаш, не се избираше, туку се јадеше за да се живее и да се работи. Летото во планина ќе те научи да се чуваш, да бидеш внимателен на секој чекор. Учиш која печурка и бобинка не се отровни, а можеш да сретнеш секакви суштества. Сето она што можеш да го зачуваш за зима, го чуваш. Сушено овошје, лешници, ореви. Џем и сок. Дрвја, гранки. Ништо не се фрла кога ќе пристигне мразот.
Природата секогаш е на страната на човекот. Никому тогаш не му беа потребни лекови, ретко се одеше на лекар. Болките се ублажуваа со билки. Постојано се работеше и никој не се срамеше од чесна работа.
Уште како дете се прашуваш: Како е можно животот да биде истовремено и убав и суров? Но, потоа гледаш како се продолжува и сите, иако се поразени, се исправуваат и продолжуваат со работа. Знаеш дека сè ќе биде во ред. Животот е тежок, многу потежок отколку што може да се замисли. Но и прекрасен истовремено. Дури и кога немаш многу материјални работи. Животот е убав кога си здрав, кога се качуваш на највисоката гранка, кога не ти е досадно, кога секое утро те буди мирис на печен леб, кога имаш родители, брат, сестра и многубројни роднини.
Ништо не се фрлаше. Јадење, облека, чевли. Сите предмети добиваа втора намена. Денес прекумерно се троши и се фрла. Може и денес стариот леб да се остави за оние што им е најпотребен, облеката да им се донира на оние што ја немаат. Секогаш постои начин.
Секако, најважна лекција е онаа за неоткажувањето. За оптимизмот. Она кога бурата е најголема, се крева главата и се продолжува понатаму. Онаа лекција во која надежта владее. Природата е онаа што обновува, а човекот оној што може и на кој му е сè дадено, само треба да биде добар домаќин и мудро да располага со дадените добра“.
Автор: Јасмина Јовановиќ
Подготвил: М.П.