X
 17.05.2019 Образование

Отворено училиште за трансродови деца во Чиле

Растејќи како трансродово дете во Чиле, Ангела била очајна да избега од физичката и вербалната злоупотреба од другите ученици во нејзиното училиште. Толку била очајна што дури и размислувала за самоубиство.

По долгогодишната дискриминација, Ангела и уште 20 други трансродови малолетници на возраст од 6 до 17 години пронајдоа надеж во првото училиште во Латинска Америка за трансродови лица. Институцијата, основана од фондацијата „Селена“, која ги штити нивните права, е пресвртница во земја што е толку социјално конзервативна, што го легализира разводот дури во 2004 година.

Во последниве години семејствата на трансродовите деца бараат поголемо прифаќање - повик што неодамна доведе до одобрување на закон со кој им се дозволува на луѓето над 14-годишна возраст да го променат своето име и полот во службената евиденција со согласност од родителите или старателите.

1
Фото: АР

Активистите и родителите на трансродовите деца велат дека тоа е фаза во детството или предадолесеценцијата кога децата откриваат дека нивниот пол не одговара на нивното тело.

Во 2016 година извештај од УНЕСКО соопшти дека во Латинска Америка, како и во останатиот дел од светот, насилството врз сексуалната ориентација или родовиот идентитет во училиштата го нарушува развојот на засегнатите лица, училишниот соживот, академските перформанси и одењето на училиште.

Чиле полека ги промени своите конзервативни ставови во врска со социјалните прашања. Во 2012 година донесе закон за антидискриминација, а во 2017 година ја укина апсолутната забрана за абортус, легализирајќи го кога животот на жената е во опасност, поради медицински причини и во случаи на силување.

Училиштето беше отворено во 2017 година како начин да им се помогне на семејствата на трансродовите деца, кои честопати не оделе на училиште, па дури и не успевале да ги завршат студиите како резултат на дискриминација. Училиштето почнало да работи во април 2018 година, а децата учат математика, наука, историја и англиски јазик, а има и работилници за уметност и фотографија.

дете
Фото: АР

Уште од почетокот присуството на училиште се зголемило од пет на 22 ученици во декември, а уште 6 ученици веќе се запишале во новата учебна година.

- Среќен сум тука затоа што има многу деца слични на мене - вели 6-годишниот Алексис, кој вели дека бил малтретиран во училиштето каде што учел претходно.

Наставниците работат бесплатно, но сите други трошоци за првата година на училиштето беа финансирани од Силва и координаторот на училиштето - Ксимена Матурана од нивните заштеди. Почнувајќи од март, семејствата ќе треба да плаќаат околу 7 долари месечно за секое дете.

- Се обидуваме да ги сведеме трошоците на минимум за да не велат дека децата не можат да присуствуваат затоа што немаат моливи - вели Силва.

И покрај недостигот на ресурси, фондацијата почна со летна школа што нуди танц и други работилници за околу 20 деца, меѓу кои и некои што не посетуваат училиште. Иако просторот е ограничен, родителите велат дека на нивните деца им се вратила довербата: изгледаат среќни, опуштени и имаат волја да учествуваат во наставата.

ученици
Фото: АР

- Мојот син го губеше својот идентитет, се срамеше дека е трансроден бидејќи имаше чувство дека не се вклопува. Беше принудуван да оди во веце за момчиња кога сакаше да оди во веце за девојчиња. Неговата самодоверба беше на многу ниско ниво во традиционалното училиште - вели таткото на Алексис.

Учениците се согласуваат дека училиштето им помогнало целосно да го прифатат својот идентитет.

- Тука сум слободен и среќен. Околината е добра. Секој што се запишува едноставно е прифатен - вели 15-годишниот Фелипе.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование