X
 17.11.2017 Образование

Последните наставничка и ученик од кумановско Жељувино сега играат „еден на еден“ во училиштето во Бајловце

Петар е сам со мене во училница, но барем за време на одморите има со кого да си игра – вели наставничката Мирјана Томиќ.



Наставничката не му попушта, иако е еден

Во малата училница, која всушност е библиотека, ученикот Петар внимателно го слуша предавањето на наставничката Мирјана. Нивната игра „еден на еден“ трае веќе втора година. Тој нема каде да избега ако наставничката реши да испрашува. Ако не дојде на настава кога е болен, таа нема со кого да работи. Во училишниот дневник е испишано само неговото име - Петар Петковски.
- Сами си се дружиме цел ден, по шест-седум часа. Вака е од лани. Во училиштето во селото Жељувино имав комбинирани паралелки, но на крај, како што завршуваа генерациите, останавме само со Петар. Нема други деца во селото или во околината што би учеле, па му ставија клуч – вели наставничката Мирјана Томиќ.

Осамен е само на час, на одмор си има другарчиња

Тие во Основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во кумановско Бајловце дошле од подрачното училиште од село Жељувино. Кога школото останало само со еден ученик, учителката и родителите на Петар решиле да не биде сам.
- Заради него го направивме ова. Тука е сам со мене во училница, но барем за време на одморите има со кого да си игра. Неговиот татко инсистираше да учиме тука, да не е осамен – раскажува наставничката.
Со оглед на тоа што оддалеченоста од ова до селото каде што живее Петар - Аљинце е иста, за него нема промени во однос на патувањето. Тој живее во село во кое може да се стигне со автомобил, па не оди пеш како другите деца што учат тука и патуваат пеш по шест километри. Има организиран превоз од дома до училиште.
- Одам пеш само од дома до местото наречено Река, не е многу, еден-два километри. Таму се собираме со уште две други деца од селото, па „лада нива“ нѐ носи до училиштето. Само три деца има во моето село – вели Петар.



Петар е срамежливо момче од социјално загрозено семејство, но е вреден и трудољубив

Клуч на основното училиште во Жељувино

Од следната учебна година наставничката Томиќ практично останува без ученици, бидејќи Петар ќе биде шесто одделение и преминува во предметна настава.
- Матичното училиштето во Жељувино каде што се водиме веќе нема да има деца што треба да одат во школо. Искрено, стравувам за мојата работа – вели таа, која секој ден од Куманово патува до Бајловце.
Како изгледаат часовите на еден ученик и еден наставник? Кои се предностите и мааните на овој невообичаен тип на настава? Наставничката вели е добро бидејќи може повеќе да му обрне внимание, но сѐ друго е лошо за детето.
- Осамен е. И тој сака да си има соученик, другарче, многу од темите што ги работиме се за со партнер, да се работат во група, но тоа е нашата реалност. Ако решам да испрашувам, тој е еден, нема каде да се крие. Но, не му попуштам, иако е еден. Се договараме да учи малку повеќе, за подобри оценки – вели Томиќ.

  

Сакам другарче со мене во одделението

Петар е срамежливо момче кое доаѓа од социјално загрозено семејство, но е вреден и трудољубив. Признава дека не му се учи многу, но ветува дека ќе биде подобар.
- Би сакал да имам другарче со мене во одделението, но си играме со другите деца за време на одморите – вели тој.
Бројот на ученици во овој регион е драстично намален во последните триесет години, пред сѐ, поради масовното иселување на младите. Подобар живот бараат во Куманово или во Скопје. - Нема деца и сѐ помалку ќе ги има. Тежок е животот во овие села, луѓето немаат основни услови за живот- тажно вели наставничката.
Училиштето во село Бајловце има само 14 ученици од прво до деветто одделение. Пред триесетина години тука имало џагор на 230 деца. Дел од овие 14 ученици сами низ шумски предели пешачат и по шест километри за да дојдат на училиште. На училиштето му се потребни донации бидејќи нема вода за пиење, интернет, ни надгледни средства за настава.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование