X
 15.11.2018 Живот

Самохраните родители во Македонија со недефиниран статус, 80 отсто од нив се мајки

Предизвикот на самохраното родителство, особено на самохраното мајчинство, со оглед на тоа што околу 80 отсто од еднородителските семејства во земјава се преdводени од жена, а во контекст на интензивни социјални и политички промени, е навистина голем.

Нерегулиран статус во законите, немање централизирана база на податоци за нивната бројка, неможност за остварување на одредени права, кои се распрскани во повеќе закони, но не се унифицирани, пред сè, поради тоа што нема јасна дефиниција. Тоа остава простор на оние што ги спроведуваат законите самоволно да толкуваат дали некој е самохран родител или не е. Со оглед на тоа што 80 отсто од самохраните родители се мајки, се отвора и прашањето за родовата димензија на ова прашање.

Како општествена појава, самохраното мајчинство има морална димензија во дискурсите на културата и секојдневниот живот – вдовиците кои по смртта на својот сопруг не се премажиле и „не по своја вина“ останале сами, стојат на врвот на „заслужноста“ од општествената поддршка и наклонетост, додека „другите“, „разведените“, „напуштените“ или оние што никогаш не стапиле во брак, а имаат деца, се помалку или „најнезаслужни“ во давањето на општествената поддршка.

Самохраното мајчинство како субјект, носител на правата на современите социјални системи на заштитата, се чини сè уште ја одразува таа „митска“ слика за моралната заслужност на самохраните мајки, градирајќи ја нивната положба според природата на настанокот на самохраноста.

Неодамна беше презентирана првата детална анализа, некогаш изработена во Република Македонија, посветена на состојбата на самохраните родители. Со наслов „Еднакви права и можности за самохрани мајки“ во себе ги опфаќа сите предизвици со кои се соочува овој семеен конструкт, кој не е препознаен во нашето законодавство, како и препораки до надлежните институции за подобрување на состојбата.

Акцентот е ставен на самохраните мајки, но, секако, како што појаснува претседателката на ГО „Една може“, Дороти Пачкова, во разговор за МИА анализата и натамошните промени што ќе се случуваат во оваа сфера ќе бидат продобивка за сите еднородителски семејства без разлика дали станува збор за татко или мајка со дете/ца.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот