Седум студенти од Техничкиот факултет во Битола при УКЛО го претставија својот проект „Зелено автобуско стојалиште“ на Меѓународниот натпревар „ICAMES“ што се одржа од 10 до 16 мај на Универзитетот „Богазичи“ во Истанбул, Турција.
Станува збор за автобуско соларно стојалиште кое самостојно ќе произведува енергија за инфо-табла, возен ред, полначи за велосипеди, за затоплување на клупите за седење во зима, осветлување итн.
Билјана Велјановска, Христијан Тасески, Лина Димеска, Николче Николовски, Симона Сабатковска, Антонио Цветковски и Верче Конеска, под менторство на професорката Јамина Буневска-Талевска и со поддршка од професорот Методија Атанасовски, работеа две години на проектот. Нивното учество на 26. издание на меѓународниот настан им овозможи да ги презентираат концептот, моделот и одржливоста на проектот.
Со проектот „Зелено автобуско стојалиште“, Техничкиот факултет се надева на позитивна, еколошка промена врз животната средина. Целта на проектот е да биде практичен и иновативен во примената.
фото: веб-страница на УКЛО