Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола (УКЛО) е една од јавните високообразовни институции што во текот на минатата година беа предмет на институционална евалуација. Тоа е и поводот за разговор со ред. проф. д-р Марија Маленковска-Тодорова, претседател на Комисијата за самоевалуација на Универзитетот.
Дали можете да ни кажете што претставува споменатата институционална евалуација?
Институционалната евалуација, која беше спроведена на УКЛО, е постапка со која се оценува целокупното работење на институцијата. Таа е реализирана од страна на експертски тим, а според упатства и методологија на Институционалната евалуациона програма (IEP) при Европската асоцијација на универзитети (EUA).
Минатогодишното оценување на нашиот Универзитет (заедно со останатите јавни универзитети од државата), всушност, беше една од целите на проектот во кој учествуваше Министерството за образование и наука на Република Македонија, насловен како "Skills Development and Innovation Support Project", а наменет за скенирање на целокупниот образовен систем во државата.
Тимот што работеше на евалуацијата
Споменавте дека евалуацијата ја вршеше експертски тим. Кој беше одговорен за формирање на тимот и конкретно, кога станува збор за УКЛО, кои беа членовите?
Според документите на Институционалната евалуациона програма, експертскиот тим се формира од страна на Програмата, имајќи го предвид профилот на институцијата која се оценува, како и академското, менаџерското и професионалното искуство на потенцијалните членови на тимот (бивши и сегашни ректори и проректори на европски универзитети, студенти, експерти за оценување на квалитетот во високото образование). Конкретно, во евалуацијата на УКЛО учествуваа: Tatjana Volkova, како претседател, Carmen Fenoll, Thierry Chevaillier, Alexandra Haymakers - студент и Raymond Smith - координатор на тимот.
Дополнително, а со цел да се потенцира високото ниво на професионализам и стручност при оценувањето на универзитетите, мислам дека е потребно да се напомене дека од формирањето на IEP (во 1994 година) до денес се реализирани повеќе од 400 евалуации засновани на детално разработени интерни процедури за анализа на квалитетот.
Врз основа на она што го рековте за IEP може да се заклучи дека станува збор за програма која се карактеризира со сериозен, одговорен и професионален пристап во оценувањето на квалитетот на универзитетското работење. Кога зборуваме за УКЛО, кои беа одделните фази од тој пристап?
Работењето на нашиот Универзитет беше оценувано во периодот од мај до октомври 2017 година. Во согласност со содржината на одделните фази, како и методологијата на IEP, на првата посета на експертскиот тим (врз основа на детални упатства на IEP), претходеше изработка на Извештај за самоевалуација, подготвен од страна на Комисијата за самоевалуација на УКЛО.
Основната цел на агендата на двете посети на експертскиот тим (мај и октомври 2017) беше насочена кон непосредно добивање сознанија неопходни за оформување точна претстава за работењето на Универзитетот. Од тие причини, во рамките на посетите беа остварени: средби и состаноци со ректорот, разговори со проректорите на одделни ресори и генералниот секретар (посебно или во рамките на состаноците со одделни комисии), состанок со Комисијата за самоевалуација и разговори со нејзиниот претседател, состанок со Ректорската управа, претставниците на Сенатот и централната стручна и административна служба на Ректоратот, Комисијата за наставно-научни прашања и Комисијата за соработка со универзитетите во земјата и во странство и во нивни рамки или посебно, разговори со раководителите на одделни сектори (сектор за настава, наука и меѓународна соработка, сектор за финансии, сметководство, инвестиции и развој), раководителот на КРЕДО-центарот, сегашните, како и дипломираните студенти на сите три циклуси на студии на УКЛО, претставници на пошироката општествена заедница (локална самоуправа, стопански и нестопански субјекти, институции од јавниот и приватниот сектор).
Дополнително, во текот на петдневниот престој во Битола, беа посетени четири факултети (Технички факултет - Битола, Економски факултет - Прилеп, Факултет за биотехнички науки - Битола, Факултет за информатички и комуникациски технологии - Битола) и единствениот научен институт, кој е конститутивна членка на УКЛО - Научниот институт за тутун - Прилеп. Притоа членовите на експертскиот тим имаа цел запознавање со материјално-техничките ресурси на единиците, како и ставовите на претставниците на различни фокус-групи (раководство, академски кадар, студенти), по поедини прашања од секојдневното работење на нивните установи. Исто така, сликата за целокупното работење на Универзитетот е дополнета и со факти, информации, податоци претставени во различни материјали кои беа доставени во периодот меѓу двете посети, а на барање на експертскиот тим.
Проф. д-р Марија Маленковска Тодорова
Кога се договаравме за ова интервју, рековте дека резултат на спроведената институционална евалуација е Извештајот за евалуација на УКЛО, подготвен од членовите на експертскиот тим. Исто така, потенциравте дека станува збор за позитивно и објективно документирање на целокупното работење на Универзитетот, а од страна на, како што веќе кажавте, во глобалната академска средина, реномирана Програма за институционална евалуација.
Во согласност со IEP, финалната фаза од постапката за анализа и оценување на квалитетот е изготвувањето на Извештај за евалуација, во кој се оценува работењето во различни области: раководење, управување и одлучување, настава и учење, научноистражувачка дејност, местото и улогата на Универзитетот во пошироката општествена заедница, меѓународната соработка и интернационализацијата. Истиот, кога станува збор за УКЛО, беше доставен до ректорот проф. д-р Сашо Коруновски, а потоа и поставен на веб-страниците на
IEP и
УКЛО (во делот на КВАЛИТЕТ).
Имајќи ја предвид содржината на споменатиот документ, со задоволство можам да констатирам дека станува збор за позитивен и реален Извештај за евалуација, во кој, од страна на меѓународен, независен експертски тим, објективно и врз основа на факти се претставени добрите страни и слабостите во работењето на нашата институција, како и препораките за нејзиниот иден развој.
Ве молам, во куси црти да нѐ запознаете со позитивните карактеристики во работењето на УКЛО.
Кога станува збор за позитивните страни, сакам да потенцирам дека постоењето на истите е забележано од тимот на IEP во сите области на работењето, и тоа:
- раководењето на УКЛО (транспарентност и колегијалност, посветеност кон определување на насоките за стратешки развој, мисијата и визијата),
- ангажираноста кон обезбедување квалитет (потенцирана во делови на Извештајот кои се однесуваат на сите поодделни сегменти на работењето),
- настава и учење (посебно важна за УКЛО со оглед на основната мисија – квалитетна едукација на млади кадри во квалификувани и компетентни стручњаци), односно: почитување на законската регулатива при предлагање и донесување на различни студиски програми, постоење на низа на универзитетски правни акти со кои се регулира наставата во различните циклуси на студирање, нагласување на Европската димензија во курикулумите, препознавање на важноста на резултатите од учењето и нивното претставување на интернет страницата на УКЛО (пракса која е карактеристична за развиените универзитети во Европа), позитивниот однос на академскиот кадар кон студентите во текот на наставата, испитите, оценувањето (резултат на студентското анкетирање),
- посветеност кон развојот на науката и при објективно постоење на неповолни услови во академската средина во државата (пред се кога станува збор за нискиот процент на средства од буџетот кој се издвојува за развој на научно истражувачката дејност),
- воспоставување и негување добри релации со членовите на алумни заедницата, бизнис и не бизнис секторот (20 потпишани договори со компании, владини и невладини организации, во рамките на Кредо центарот, односно Универзитетскиот центар за кариера, доживотно учење и алумни),
- развој на интернационализацијата, имајќи ја во предвид крајната цел за поголем квалитет и достигнување на одличност во целокупното работење на УКЛО.
Што е со слабостите во вашето работење и дали се и тие претставени во документот? Исто така, покрај добивањето на, како што рековте, позитивниот и пред сѐ објективен Извештај за работењето на Универзитетот, кој е дополнителниот бенефит од спроведената евалуација?
Ректоратот
Слабостите се претставени во документот на начин што се поврзани со препораките, (дополнителен бенефит), на експертскиот тим за насоките на иден развој на УКЛО. Имено, истите се составен дел на Извештајот, изведени врз основа на забележаните слабости во работењето, обележјата на Европскиот простор на високо образование, објективните општествени околности, согледаната целокупна состојба во сите области од работењето на институцијата. Кога станува збор за препораките, позначајни за нашата институција, покрај останатите, а според коишто веќе една година се работи и истите се имплементираат во работењето, се:
- обезбедување стратешки развој на институцијата фокусиран врз т.н. SMART цели (specific, measurable, achievable, relevant and time-bound),
- воспоставување и развој на систем за обезбедување на квалитет, конципиран во согласност со структурата и особеностите на УКЛО,
- организиран пристап кон реализацијата на практичната настава, како и различни обуки на административниот кадар, насочени кон реализација на процесите на настава и учење во кои студентот и дефинираните резултати од учењето заземаат централно место,
- утврдување на приоритет при инвестирањето во истражувачките лаборатории, јакнење на истражувачките капацитети на академскиот кадар преку организирање обуки, воспоставување Центар за трансфер на технологија.
Со Извештајот на експертскиот тим е завршена иницијалната институционална евалуација. Што понатаму? Дали УКЛО останува посветен на обезбедување на квалитетот, карактеристика на Универзитетското работење, која, како што рековте, беше препозната и констатирана и од релевантниот експертски тим на IEP?
Секако дека УКЛО останува на линијата на континуиран процес на обезбедување на квалитет, нешто без кое не може и не смее да се замисли функционирањето на еден современ универзитет. Овој факт е потврден и од страна на ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, кој во неколку наврати, при официјални обраќања на различни настани, ја изрази подготвеноста за јакнење на универзитетските капацитети во процесот на подигање на квалитетот во работењето, преку преземање соодветни мерки, постапки и процедури, но и со реализација на т.н. последователна евалуација (follow up), во рок предвиден со методологијата на IEP.