Истражувачите од шведскиот институт „Каролинска“ откриле нов сетилен орган кој може да детектира механичка болка, како бодеж или допир. Откритието е објавено во списанието „Сајенс“.
Болката предизвикува страдање и резултира со значителни трошоци за општеството. Речиси едно од пет лица искусува постојана болка и има значителна потреба за наоѓање лекови против болка. Сепак, чувствителноста на болка исто така е потребна и за преживување и има заштитна функција. Таа предизвикува рефлексни реакции кои спречуваат оштетувања на ткивото, на пример, тргање на раката кога ќе почувствуваме прободување од остар објект или кога ќе се изгориме.
Истражувачите од „Каролинска“ откриле нов сетилен орган во кожата кој е сензитивен на опасна иритација од околината. Тој е составен од глија клетки со повеќе долги издатоци кои колективно создаваат орган во кожата во вид на мрежа. Овој орган е сензитивен на болна механичка штета како бодеж или притисок.
Студијата опишува како изгледа новиот орган, како е организиран со сензитивните нерви во кожата и како активацијата на органот резултира со електрични импулси во нервниот систем, кои, пак, резултираат со рефлексни реакции и искусување болка. Клетките од кои е составен органот се многу сензитивни на механички стимул, што објаснува како тие може да учествуваат во детекцијата на болните бодежи и притисоци. Во експериментите истражувачите исто така го блокирале органот и забележале намалена способност за чувствување на механичка
болка.
- Нашата студија покажува дека чувствителноста на болка не се случува само во нервните влакна во кожата, туку и во овој неодамна откриен орган сензитивен на болка. Откритието го менува нашето разбирање на клеточните механизми на физичко чувство и може да е значајно во разбирањето на хроничната болка - истакнува Патрик Ернфорс, професор на Одделот за медицинска биохемија и биофизика при институтот и главен истражувач во студијата.