X
 03.01.2020 Наука

Пушачите живеат во поголеми болки

Според најново истражување, сегашните, но и поранешните пушачи доживуваат повеќе физичка болка отколку оние што никогаш не ја стекнале оваа проблематична навика.

Научниците од Лондонскиот универзитетски колеџ спровеле студија на повеќе од 220.000 лица и утврдиле дека оние што пушат цигари живеат во поголема болка. Засега не е познато што ја предизвикува таа состојба, но научниците сметаат дека пушењето веројатно предизвикува трајни промени во телото.

Во истражувањето испитаниците биле поделени во три категории: оние што никогаш не пушеле цигари, оние што порано секојдневно пушеле и оние што сè уште секојдневно пушат. Научниците ги прашале испитаниците со колку телесна болка дневно живеат, на скалило од 0 до 100 (поголемата бројка значи поголема болка).

Сегашните и поранешните пушачи во просек означиле дека преживуваат до два бода повеќе болка од оние што никогаш не пушеле. Со други зборови, студијата утврдила поврзаност меѓу долготрајното пушење и животот со повеќе болка, дури и по престанување со таа навика.

- Клучниот резултат на оваа студија е дека поранешните пушачи сè уште го чувствуваат тој ефект на зголемена телесна болка - истакна психологот Олга Перски, една од научниците што учествувале во истражувањето.

Научниците засега не можат точно да објаснат што ја предизвикува оваа поврзаност на пушењето со искусувањето повеќе телесна болка.

Една од разгледуваните идеи е дека некои од илјадниците хемикалии што ги има во тутунот предизвикуваат трајно оштетување на ткивата, што резултира со поголема болка.

Другата е дека пушењето можеби има трајно влијание врз хормоналниот систем на телото.

Но, постои и можност дека пушењето е симптом, а не причина. Имено, некои поранешни студии покажаа дека луѓето што поинтензивно чувствуваат болка се посклони кон пушење.

- Тоа секако е проблем кој треба да го разгледаме. Но, треба да се напомене дека дури и ако целосно престанете со пушењето, тоа потенцијално може да има трајни ефекти на болката. Тоа е добар поттик за да се откажете од цигарите што е можно поскоро - истакна Перски.

Дебора Анот, извршна директорка на Здружението против пушењето „Еш“, истакна дека во 50-тите години е откриено дека пушењето предизвикува рак на белите дробови, а дека оттогаш откриваме сè повеќе негативни последици на пушењето.

- Пушењето предизвикува рак, срцеви и респираторни болести, дијабетес, деменција, неплодност... Исто така, на пушачите им е потребно повеќе време за да закрепнат од операциите. Затоа не е ни чудно што пушачите трпат повеќе болка од лицата што никогаш не пушеле - заклучува Анот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука