Во врска со реакциите на дел од родителите што досега ја користеа мерката продолжено породилно отсуство, Владата ја информира јавноста дека Одлуката што ја донесе на 14 септември 2020 година - сите родители на деца од 0 до 6 години кои досега беа ослободени од работниот процес да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември 2020 година - е донесена по претходна анализа и консултација со Комисијата за заразни болести.
- Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на Ковид-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата. Таа мерка изминатиов период беше во сила затоа што јавните установи за згрижување деца, односно градинките не работеа - велат во информацијата од Влада.
Дополнително, во координација со Комисијата за заразни болести донесена е и Одлука за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години, на по 12 деца во група, со што јавните установи за згрижување деца имаат капацитет целосно да ги згрижат децата на мајките што досега користеа продолжено породилно отсуство.
- Согласно Протоколот, приоритет за згрижување во градинките имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители, со што се исклучува секаква можност децата да останат без соодветна грижа и нега. Онаму каде што ќе се појави потреба од дополнителен простор и кадар за згрижување деца, Владата им препорача на општините како основачи на градинките, во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, да обезбедат соодветно решение. Од тие причини потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна - стои во соопштението.
Анализите, велат оттаму, покажуваат дека во согласност со мерките предвидени во Протоколот, градинките во државата имаат капацитет да примат 19.000 деца, а интерес досега покажале родители на 14.555 деца.