Родители на двајца ученици од основно училиште во Панчево, Србија, платиле казна од 5.000 динари затоа што децата побегнале од часови. Ова е прв случај за примена на новиот закон за образование кој предвидува одговорност на родителите за неоправданите отсуства на децата од наставата.
Судот во Панчево поднел вкупно 88 вакви пријави против родители, од денот на донесувањето на законот, а покрај двата случаи со парични казни изречени се и десет опомени. Панчево е прв град во Србија каде што се применуваат ваквите казни, а во новата година ќе се применуваат во сите училишта во Србија.
Според новите прописи, родителите се должни во период од 48 часа од моментот кога детето нема да следи настава да ги информираат наставниците за причината. Потоа, должни се во рок од осум дена да ги оправдаат часовите. Доколку тоа не се случи, училиштето ги известува секретаријатот на градската управа и Центарот за социјална работа. Градската управа поднесува барања за покренување прекршочна постапка против родителите на суд. Казната се движи од 5 до 100 илјади динари, а ако родителите не ги платат долговите, може да се соочат и со казна затвор, работа од јавен интерес или блокирање на трансакциската сметка.
Прво се изрекува опомена, а ако ученикот продолжи без оправдување да не ја следи наставата, тогаш стапува во сила паричната
казна. Надлежните во Србија тврдат дека ваквиот закон има цел да формира уредно и правилно функционирање на училиштата.