X
 09.02.2018 Култура

Почина големиот српски актер Небојша Глоговац

Србија тагува, а и целиот Балкан. Големиот српски актер Небојша Глоговац ја изгуби битката со опаката болест рак, на 48 години. Тој починал утрово во Клиничкиот центар во Белград, јавуваат српските медиуми.
Еден од најдобрите актери од средната генерација, подеднакво добро владееше на театарските штици и на филмското платно. Роден е во 1969 година во Требиње, Босна и Херцеговина, а на 7 години се преселил со семејството во Панчево.

Во сцена од филмот „Устав на Република Хрватска“, улога за која доби „Златна арена“ во Пула

Дипломирал на Факултетот за драмски уметности, во класа со актерите Сергеј Трифуновиќ, Наташа Нинковиќ и Војин Четковиќ. Од 1996 година беше член на Југословенско драмско позориште. Неретко имавме можност да го гледаме со претстави и во Скопје.
Првата улога ја остварил во серијата „Подобар живот“ во 1987 година. По завршувањето на средното училиште се запишал на студиите по психологија на Филозофскиот факултет во Белград, за после две години да се премислил и да се запише на Факултот за драмски уметности.
„Вуковар, една приказна“ е првиот филм во кој играл, а прва главна улога остварил во филмот „Убиство со предумисла“, каде го играл ликот на Богдан. После тоа, следеле улогите во „До коска“, „Буре барут“, „Кругови“,„Молња“, „Кога ќе пораснам ќе бидам кенгур“, а голема популарност стекна и во неколку серии.
За улогата на Вјекослав Краљ во филмот „Устав на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ, лани на Филмскиот фестивал во Пула ја освои наградата „Златна арена“ за најдобра машка улога. Филмот е копродукција со Македонија.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура