X
 04.03.2018 Култура

Кои се фаворитите за „Оскар“ на македонските филмофили?

„Трите билборди надвор од Ебинг, Мисури“ за најдобар филм, Гилермо дел Торо или Кристофер Нолан за најдобар режисер, Френсис Мекдорманд за најдобра актерка, Гери Олдман или Тимоте Шаламе за најдобар актер – ова се главните типови на наши филмофили и критичари за најпосакуваната филмска награда




По 90. пат годинава филмскиот свет ја очекува највозбудливата ноќ на доделувањето на „Оскарите“. Среќни, разочарани, солзи, говори... сето тоа ги прави „Оскарите“ еден од најгледаните настани во цел свет. Факултети.мк направи мала анкета помеѓу наши филмофили од кои побаравме да ги кажат своите фаворити и како типуваат за тоа кој ќе си замине вечерва со златната статуетка.

Стефан Марковски, писател, сценарист

*Најдобар филм
– „Данкирк“
Како сценарист и љубител на филмската уметност, ќе нагласам дека се работи за сценаристички пристап кој е далеку послаб од оние во некои досегашни филмови на Нолан, но кинематографијата, боите, изградбата и одржувањето на атмосферата во самиот филм се остварени одлично, колку и да е тежок филмот за гледање/изгледување. По него, најголеми се шансите за „Три билборди...“



*Најдобра режија - Одлична конкуренција. Ако го стесниме кругот, ми се чини дека изборот се сведува меѓу Гилермо дел Торо и Кристофер Нолан. Иако, сѐ на сѐ, повеќе навивам за Нолан (некои од топ-10 филмовите што некогаш сум ги гледал се негови), во поново време сѐ посимпатичен и поинтересен почна да ми станува пристапот кон филмската фантастика на Дел Торо, вклучувајќи го и The Shape of Water. Сепак, нешто ми вели дека овој пат позлатената статуетка ќе заврши во рацете на Нолан и тоа не толку заради самиот филм, колку заради Нолан.
*Најдобро оригинално сценарио - Надежите ги полагам во „Три билборди...“
*Најдобра машка улога - Гери Олдман (Darkest Hour) во улогата на Черчил. Мислам дека „Златниот глобус“ за Олдман на беше ништо освен увертира кон „Оскарот“, кој овој брилијантен глумец од поодамна го заслужува.
*Најдобра женска улога - Сели Хокинс во The Shape of Water.
*Најдобра кинематографија - Dunkirk. Фантастично завршена работа.
*Најдобар анимиран филм - Loving Vincent. Нефер е да го замислиш самото постоење на филм создаден од десетици илјади слики масло на платно, а неговите создавачи да не бидат наградени за таков мегапотфат.
*Најдобра монтажа – „Три билборди...“, „Обликот на водата“
*Најдобар саундтрак - Џони Гринвуд од Рејдиохед, Phantom Thread.

Стефан Марковски

Јасмина Василева, актерка

Годинава дефинитивно имам развиено тинејџерска опсесивна вљубеност во Тимоте Шаламе („Викај ме по твоето име“), Даниела Вега („Фантастична жена“) и Тифани Хедиш (Girls Trip). Моите фаворити, всушност, немаат никаква врска со некаква рационална професионална анализа на филмските остварувања номинирани за „Оскар“. Повеќе тоа се филмови или актер(к)и кои на некакво емотивно, и колку и да звучи патетично, на сентиментално ниво ме однесоа на некои нови или на некои одамна заборавени места. Навистина, ценам актерски остварувања со беспрекорна моќ на трансформација како онаа на Гери Олдман во „Најтемниот час“ или на Алисон Џејни во „Јас, Тоња“. Но, начинот на кој Тимоте успеа без дополнителна нарација и дообјаснувања на доживувањата (како во книгата, па дури и во сценариото каде што нарацијата подоцна е отфрлена) автентично да го одигра целиот комплициран внатрешен свет на Елио Перлман („Викај ме по твоето име“) или Лори Меткалф („Бубамара“) како критичната, истовремено прегрижлива, посветена, работлива до исцрпеност, мајка од ниската средна класа во исчезнување, ја добија мојата безусловна љубов, засекогаш. Од филмовите од неанглиско подрачје мои фаворити се „Фантастична жена“ и On body and Soul.
Нешто друго, на кое особено се радував во ова време на #timesup, #metoo, беа жените-авторки (Грета Гервиг – „Дамата птица“) и продуцентки (Марго Роби, „Јас, Тоња“) и женските приказни кои ним им беше важно да ни ги раскажат.
Веројатно нема да има некои преголеми изненадувања, па и на „Оскарите“ ќе победат оние што ги освојуваа главните награди на „Златните глобуси“, Бафта, итн. Гери Олдман, Франсис Мекдорманд, Алисон Џејни, Сем Роквел, Мартин Мекдона, Гилермо дел Торо, „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“, „Обликот на водата“.
Еден од моите омилени филмови за оваа година е и „Проектот Флорида“ на Шон Бејкер, кој не успеа да влезе во потесната селекција за „Оскар“, па, ако ви избегал од видот, ви го препорачувам (во меѓувреме, малку постар, фантастичен, со iphone 5 снимен филм, од овој режисер што можете да го гледате е Tangerine).



Вториот, иако е комерцијална блокбастер-комедија, за да се заљубите засекогаш во Тифани Хедиш, гледајте го Girls Trip, а потоа и сите нејзини стендап-настапи и гостувања во ток-шоуа. Третиот мој предлог би бил еден Санденс-филм, од пред една година, кој имам забележано дека малку луѓе го знаат, а навистина е одличен, па ве потсетувам на American Honey.

Јасмина Василева

Никола Димитровски, адвокат

- Филмската 2017 г. би ја споредил со одење во ресторан каде што знаеш што те очекува. Ти си гладен, ама некако не сакаш да експериментираш, па одбираш да играш на сигурно. Кога ќе излезеш од ресторанот, нема да бидеш воодушевен, нема да вкусиш нешто првпат во животот, нема да биде јадење на кое ќе се сеќаваш уште долго потоа, ама нема ниту да се разочараш. Едноставно, ќе излезеш најаден и релативно задоволен, сѐ во рамките на очекуваното и познатото. Овие „Оскари“ не понудија деликатеси од типот на „Ла Ла Ленд“, па дури и „Arrival“, ама донесоа филмови на еден куп мајстори кои не би требало да се пропуштат.
Од друга страна, режисерите не ги понудија своите најдобри ремек-дела, ама во суштина и не разочараа. Еден од моите најочекувани филмови беше „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ на режисерот Мартин Мекдона, кој претходно го има режирано еден од моите омилени филмови во животот – „Во Бриж“. Дело со одличен сензибилитет кој полека ја гради својата приказна. Страшна актерска екипа, предводена од Френсис Мекдорманд, веројатно главен фаворит за „Оскарот“ за најдобра женска улога. Кастингот е одлично дополнет со Вуди Харелсон, Сем Роквел, Питер Динклејџ.



Сепак, можеби поради огромните очекувања, филмот не ме воодушеви, иако е вреден за гледање. Од режисери што оваа година го достигнаа својот врв веројатно би го ставил Гилермо дел Торо со „Обликот на водата“. Филм кој е едно целосно визуелно доживување. Се гледа во еден здив, според мене, најкомплетниот филм од сите номинирани за „Оскар“. Веројатно тоа е причината за рекордниот број номинации. Со својот колорит и фантазија, многу потсеќа на делата на Жан-Пјер Жене – „Амели“, „Градот на изгубените деца“ и „Delicatessen“.
Мојот интимен фаворит, иако се сомневам дека би добил „Оскар“ за најдобар филм, е „Phantom Thread“ на Пол Томас Андерсон, воден од веројатно најдобриот актер во последните 25 години – Даниел Деј Луис. Полн со љубов, страст, емоции, прикажани во една праволиниска форма, со прекрасна режија и глума. Така, Деј Луис се издвојува во главен фаворит за „Оскар“ за најдобра машка улога.
Еден од најмаркантните и најкомплексни режисери на денешницата, Кристофер Нолан, исто така се претстави со нов филм кој влезе во категоријата – најдобар. „Данкирк“ е историска драма која на моменти дава толку реалистично чувство, што добиваш впечаток дека и ти си дел од англиските војници што се обидуваат да се спасат од Германците, од француското пристаниште Данкирк, за време на Втората светска војна. Сепак, кога еден режисер има снимено филмови како „Interstellar“, „The Dark Knight“, „Inception“, овој не би го ставил ниту во листа на неговите најдобри три.
Фаворит од сенка на Академијата, нешто слично на ланскиот „Moonlight“, би бил „Call me by your name“, еден од низата независни филмови што успеаја по многубројните фестивалски успеси да испливаат на површина. Спилберг очекувано снима гледливи филмови, кои сигурно ќе добијат номинации за „Оскар“, но никогаш нема да ги повторат остварувањата од неговите најдобри денови. „The Post“ од оваа година е своевидна замена за „Sully“ од минатата, или „Мост на шпионите“, „Линколн“, „War Horse“ од пред неколку години. Ако филмот е потпишан од Спилберг и во него настапуваат Том Хенкс и Мерил Стрип, по автоматизам станува оскаровски претендент. Од другите категории, она што мора да се гледа се анимираниот „Коко“ и рускиот „Loveless“ – „Нељубов“, номиниран во категоријата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, чиј режисер Андреј Звјагинцев ретко снима филм а да не е ремек-дело. Во низата допадливи филмови би го споменал и биографскиот „Јас, Тоња“, кој иако не е номиниран во категоријата „најдобар“, сепак доби неколку номинации. Она што мене ми се допадна е документаристичкиот пристап на режисерот, која успева да излезе од клишеата на типичен биографски филм. Од филмовите што не влегоа во трката за „Оскар“ би ги издвоил филмовите "Meyerowitz stories", на новиот Вуди Ален меѓу режисерите, нормално по потекло од Њуjорк – Noah Baumbach, како и “Paterson“ на секогаш обожаваниот Џим Џармуш.
И ајде да преминам на малку полесни филмови кои често сакаш да ги гледаш по напорен ден, тука се „American Made“ и вториот дел од „Чувари на галаксијата“. Кога сме кај продолженијата, иако тешко дека ќе ги надминат оригиналите, добро е да се изгледа и „Треинспотинг 2“, од една нова перспектива, 20 години подоцна.

Никола Димитровски

Тони Цифровски, филмски критичар и новинар

- И годинава на листата номинирани за јубилејното доделување на наградата на Американската филмска академија, се чини, како и секогаш, има и исполнети очекувања и изненадувања. Со оглед на тоа што практикувам филмовите за кои „судам“ да ги гледам исклучиво во кино, се приклучувам на македонската публика, која има(ше) можност да види само мал дел од номинираните. Благодарение на одличното издание на ланскиот Синедејс, имавме можност рано да им се израдуваме на двата главни фаворита, од кои наградата за најдобар филм очекувам да ја добие одличната студија карактери зад крими-приказната „Трите билборди...“, додека за создавањето на визуeлното волшепство искомбинирано со силни емоции во „Обликот на водата“, наградата за најдобра режија да му припадне на Гилермо дел Торо. Сметам дека во главните актерски категории потенцијални добитници се Мекдорманд и Гери Олдман, за Черчил, со што Академијата конечно би му се оддолжила на еден од најдобрите актери на својата генерација.



Отсуството на режисерка номинација сметам дека драмата „Викај ме со твоето име“ ќе ја оневозможи да го повтори успехот на „Планината Броукбек“.

 Тони Цифровски

Милош Б.Андоновски, режисер

*„Оскар“ за актерка во главна улога - Сели Хокинс во „Обликот на водата“ зашто е толку кршлива како лик, а силна како актерка; зашто како Елиза љуби силно, вистински - без зборови, а актерски се преобразува како што водата ги менува своите облици; можеби и зашто сум пристрасен: ја обожавам во Happy-Go-Lucky (2008) и во Blue Jasmine (2013). Од друга страна, пак, без пристрасност: Френсис Мекдорманд како Милдред во „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“ зашто е -присутна- од првиот до последниот кадар и зашто прави на ист начин да ми тежат работите што му тежат на ликот што го игра.

*„Оскар“ за најдобра кинематографија
„Данкирк“ на Кристофер Нолан, а кинематографија на Хојте ван Хојтема; зашто гледаме поезија од облаци и вода, заборавајќи дека дејството е среде војна.



Тимоте Шаламе и „Викај ме по твоето име“ - Шаламе е младо откритие со многу шарм и леснотија во изразот, а Call Me By Your Name го издвојувам поради атмосферата, топлината и целата естетика, која нималку не е холивудска. Реткост е да провре „европското“ до „Оскарите“, освен ако не е во категоријата за филм од неаглиско говорно подрачје.

Милош Б.Андоновски (фото: Ирена Мила)
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура