„Понекогаш и самите знаеме дека нешто звучи сомнително, ама сепак продолжуваме да го споделуваме.“ Ова е еден од одговорите што студентите го добиле додека работеле на проектот „Влијанието на лажните вести врз младите“ – тема што, како што велат, не ја избрале случајно, туку затоа што секојдневно ја живеат.
Проектот е реализиран од студентите Јелена Угреновиќ, Сашка Ендровска, Стефан Паневски и Христијан Блажевски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), во рамките на предметот „Медиуми и комуникации“, под менторство на проф. д-р Владимир Трајковиќ.
Тимот истражувал како младите денес препознаваат, проверуваат и споделуваат информации на социјалните мрежи, но и колку лесно дезинформациите стануваат дел од секојдневната комуникација.
„Сфативме дека речиси секој од нас барем еднаш поверувал во некоја лажна вест. Некогаш е тоа нешто безопасно, а некогаш информација што создава паника, погрешни ставови или манипулација“, велат студентите.
Идејата за проектот се појавила по многубројните ситуации во кои гледале како непроверени информации стануваат вирални за само неколку часа. Наместо темата да ја обработат само теоретски, тие одлучиле да направат истражување меѓу млади луѓе кои активно користат Инстаграм, Тик-ток и други социјални мрежи.
Во анкетата учествувале 93 испитаници, најголем дел на возраст од 18 до 23 години. Резултатите покажале дека повеќе од половина од анкетираните некогаш поверувале во лажна вест, а голем дел признале дека не секогаш го проверуваат изворот на информацијата.
Особено интересен бил податокот дека Инстаграм и Тик-ток се меѓу главните извори на информирање кај младите. Според студентите, токму тоа ја прави темата уште почувствителна.
„Денес луѓето најчесто читаат наслови, кратки видеа и објави што траат неколку секунди. Во таква брзина, ретко кој застанува да провери дали нешто е навистина точно“, објаснуваат тие.
Во рамките на проектот биле анализирани и реални примери од интернет – од сомнителни инстаграм-објави до ВИ-генерирани содржини и вести со нејасно потекло. Студентите направиле и дополнителни анкети преку социјални мрежи за да проверат колку лесно младите препознаваат манипулативни содржини.
Освен бројките, велат дека најсилен впечаток им оставиле отворените одговори од учесниците. Дел од младите признале дека често споделуваат информации „во момент“, без дополнителна проверка, додека други посочиле дека најголем проблем е што лажните вести денес изгледаат „премногу реално“.
„Мислам дека најопасно е што веќе не можеш лесно да препознаеш што е вистина, а што не“, напишал еден од испитаниците во анкетата.
Проектот не останал само на истражување. Тимот креирал и инстаграм-профил со едукативни содржини, објавувал визуелни пораки и спроведувал активности со цел да поттикне поголема внимателност кај младите кога станува збор за онлајн информации.
Според студентите, проблемот не е само во тоа што постојат лажни вести, туку што младите често се преморени од огромната количина информации што секојдневно ја консумираат.
„Кога поминуваш по пет-шест часа дневно на социјални мрежи, многу лесно е да престанеш критички да размислуваш за тоа што гледаш“, велат тие.
Иако проектот започнал како студентска задача, темата што ја отвора е многу поширока. Во време кога една објава може за неколку минути да стигне до илјадници луѓе, прашањето не е само колку информации гледаме – туку колку од нив навистина ги проверуваме.