Фото: NASA
НАСА бара од љубителите на небото од целиот свет да ги споделат своите фотографии од облаците преку посебна апликација.
НАСА го направила овој проект поради валидација на податоците собрани со помош на шест инструменти што ја набљудуваат Земјата преку различни сателити.
Инструментите се дел од проектот наречен „Облаците и светлосниот енергетски систем на Земјата“, чија цел е подобрување на разбирањето на улогата на облаците во глобалните климатски промени.
Но понекогаш е тешко да се идентификуваат од висина. На пример, тенките цируси, најчест вид високи облаци, тешко се препознаваат во однос на снегот.
Поради тоа, сите сателитски набљудувања треба да се споредат со набљудувањата од Земјата. Токму затоа е направен и овој предизвик, односно проект.
Ако сакате да учествувате, најлесниот начин е да ја преземете апликацијата наречена „Глобал обзервер“
ТУКА. Апликацијата дава инструкции, чекор по чекор, како да ги доставите вашите фотографии од облаци.
Доколку сакате да ги анализирате и набљудувате промените на небото, оваа апликација дополнително ќе го унапреди вашето знаење од астрономијата.
Од НАСА велат дека проектот за набљудување на облаците го започнале сега бидејќи облаците напролет ќе имаат интересни активности. Сите што сакаат нивните фотографии да дојдат до НАСА, имаат време до 15 април за испраќање на максимум 10 фотографии дневно.