X
 29.03.2018 Култура

„Исцелител“ низ бројки: Четири светски награди за десет дена!

Кога дознав за последната награда, по првичната еуфорија се почувствував нестварно: како да сум учесник во скриена камера, ми кажуваат дека сум добил уште една награда и мене веќе ми стана сомнително, а луѓе гледаат на ТВ и се смеат – вели режисерот Ѓорче Ставрески


 Читателите на факултети.мк го прогласија за најдобар филм за 2017

 

Четири меѓународни награди во десет дена освои хит-филмот „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески. Со последните признанија, статистиката околу дебитантската драма и црна комедија на Ставрески вели дека досега учествувал на 18 интернационални светски фестивали. Од светската премиера во ноември филмот има седум награди, од кои четири се за најдобар филм и три се специјални признанија што досега ги има освоено филмот на продукцијата „Фрагмент филм“.


И на читателите на Факултети.мк најмногу им се допадна овој филм и го прогласија за најдобар за 2017 година, а нашиот тим му додели признание, рачно изработено од калиграфката Анастасија Стојковиќ.  

За само четири месеци „Исцелител“ направи „лом“ на фестивалите - го фалат критичарите, го сака публиката. Околу 12.000 гледачи го видоа во Македонија, а сè уште не се знае бројката за надвор. На многу фестивали не ни веруваат дека филмот е дебитантски.

Го прашавме режисерот, сценарист и продуцент на филмот дали очекувал ваков одек.

- За ова кратко време? Ни од далеку. За околу четири месеци од премиерата на филмот добивме седум награди. Тоа е еден светски фестивал неделно и освоена награда на секои две недели. Нестварно е – вели Ставрески.


Фестивалите не стивнуваат. Следува уште еден голем фестивал, ама поради правилата на игра, не смеат да го откриваат името додека не биде објавена програмата.

- Кога дознав за последната награда, по првичната еуфорија се почувствував нестварно: како да сум учесник во скриена камера, ми кажуваат дека сум добил уште една награда и мене веќе ми стана сомнително, а луѓе гледаат на телевизија и се смеат – вели Ѓорче.

Филмот се прикажува во редовна дистрибуција на HBO GO и Cinemax во 14 земји во Централна и Југоисточна Европа. Во кино, досега играше само во Македонија.

Режисерот Ставрески открива дека снимањето на првиот долгометражен игран филм му бил многу стресен период, кој потрајал. Цели три години требаше да поминат за филмот да стигне до киносалите. Но, сега се радува што публиката секаде реагира убаво, дури и на работи што се типично обележје на нашето општество.

- Луѓето реагираат на многу работи: на хуморот, на тагата, критиката упатена кон македонското здравство, многу слично со македонската публика. И тоа ме прави среќен бидејќи е доказ дека филмот не е локален по својата природа, туку поседува квалитет што се препознава насекаде – вели Ставрески.

Од кои фестивали „Исцелител“ се вратил со награда?

Солунскиот филмски фестивал, каде што му беше светската премиера, „Синемамед“ од Брисел, Санта Барбара во САД, Софискиот филмски фестивал, Франкофилм  во Рим, Бергамо филм митинг во Италија и Обањ филм фест во Франција.

„Исцелител“ е прва македонско-грчка копродукција. Улогите ги толкуваат: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет и други. 

Ставрески најавува дека има повеќе сценарија што би можеле да станат негов втор филм, но периодов е посветен на промоцијата на „Исцелител“.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура