X
 20.11.2017 Култура

Ставрески: Се вџашив колку луѓето веруваат во исцелители!

Со премиерата на новиот македонски филм, „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески, синоќа заврши 16.издание на фестивалот „Синедејс“ во Скопје. Полна сала и стоечки аплаузи ја поздравија премиерата на филмот кого веќе на големо го канат по фестивали во цел свет. Филмот деновиве е во киносалите на „Милениум“ и на „Синеплекс“. На денешната прес-конференција што се одржа во Младинскиот културен центар, режисерот Ставрески, заедно со дел од актерите го промовираа филмот.

Од синоќешната македонска премиера на филмот

Режисерот ја објасни иницијалната идеја како одлучил да го сними филмот.

- Јас израснав секуларно, имам позадина во наука и во математика. Едноставно бев запрепастен дека луѓето не веруваат во моќта на науките и дека се повеќе почнуваат да се ослонуваат на теории на заговор, на исцелители кои можат да им помогнат. Низ годините почнав да ги прашувам луѓето и сфатив дека не само што не веруваат на Дарвин, ами имаат еден тон имаат најразлични теории како настанал човекот. Тоа сигурно има врска со пропаѓањето на сите наши вредности, на сите здрави вредности на кои треба да се темели едно општество, вклучувајќи го и здравството и образованието – изјави Ставрески.

Така дошла идејата да направи флм за рушењето на вредностите.

- Особено ме погоди здравстото, оти мислам дека човек прво треба да отиде на лекар, а после тоа, откако човек се ќе проба, да бара алтернатива. Сценариото почнавме да го пишуваме од 2010, но не ми е жал што траеше толку долго време, баш го избравме европскиот пат за развивање на сценарио низ многу работилнци, запознавме многу луѓе. Почна како драма, ама со оглед на тоа дека краткиот филм за омнибусот „Д-Скопје“ ми беше црна комедија, во еден момент сфатив дека немам што да изгубам и дека многу уживав во краткото сценарио. Така се роди комедијата во „Исцелител“ - објаснува Ставрески.


Филмот е во копродукција со Грција и е прва поголема соработка на полето на филмот. Главната улога ја толкува Благој Веселинов.

Изминатите десет дена „Синедејс“ беше фестивалот кој ја публиката и приушти невидено возење низ европскиот и светски филм. Со околу 130 филма, многу гости, работилници, забава, ја направи есента филмски повеќе од богата. Жиријата ги обраа најдобрите филмови во неколку категории.

За наградите од официјалната конкуренција одлучуваат: Семих Каплаоглу, Марија Драндаки и Евгенија Тидартова.
Наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм во официјалната селекција ја доби исландскиот „Срце од камен“ од Гудмундур Арнар Гудмундсон. Жирито образложи:

Сцена од најдобриот филм во официјалната селекција, „Срце од камен“

- За искрениот и длабок опис на проблемите со кои се соочуваат тинејџерите растејќи, за сексуалната конфузија и за откривањето на вистинската природа на нештата, како и за создавањето на реалистична атмосфера за животот во мало и отсечено село далеку на Северот”.
„Сребрена ѕвезда“ за најдобра режија доби Ѓерѓ Кристоф за филмот „Надвор“ од Словачка. „Сина ѕвезда“, пак, за најдобро сценарио добија Вангелис Мурикис, Јанис Сакаридис и Јанис Цирбас за филмот „Плоштад Америка” од Грција.

Филмот „Зора“ од Гентиан Кочи е прогласен за најдобар филм на натпреварувачката селекција „Синебалкан“. Специјално признание добија актерите од филмот „Трамполина“ на Катарина Зринка Матијевиќ, заради совршената хемија помеѓу актерите, а особено за изведбата на Франка Миколачи, што ја игра Лина. Наградите ги избраа: актерот Велибор Топиќ, Ник Џелилај од Албанија и Павлина Желева, филмски критичар од Бугарија.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура