Уште едно издание на
Виз Ер Скопски Маратон, уште една супер ѕвезда од атлетскиот свет која ќе биде наш промотор.
Оваа година, ни повеќе ни помалку, тоа е легендарната светска рекордерка во маратон, Британката Пола Редклиф. Нејзиниот се` уште актуелен рекорд е 2:15.25 кој го постави во 2003 на Лондон маратон.
Со атлетика, активно почнала да се занимава уште на 12 годишна возраст. На националните шампионати и училишни првенстава во крос не бележи забележителни резултати (била 299 од 600 девојки на училшната крос кантри трка на Англија. На истата трка следната година била 4-та). Брзо и сѐ повеќе почнува да го истакнува својот талент за трчање.
Иако до 2002г. постигнува позначајни успеси како јуниорски титули на светските првенства, а потоа и на светските првенства во крос, на 10.000м, на европски првенства, сепак светската атлетска јавност за неа почнува да зборува токму во 2002 година кога таа на својот деби маратон во Лондон извојува победа и подоцна истата година, на Чикаго маратон истрча тогашен светски рекорд за време од 2:17.18. Една година подоцна, на домашен терен на Лондонскиот маратон го истрча веќе петнаесет години несоборениот Светски рекорд.
Она што е фасцинантно за оваа 44 годишна дама, е фактот што успева своите атлетски професионални обврски да ги избалансира успешно со нејзиниот семеен живот. Таа на само 9 ипол месеци по породувањето со нејзината ќерка Исла во 2007, успеа да триумфира на Њујорк маратонот со време од 2:23.09! Таа е мајка на две деца, ќерката Исла (2007г.) и синот Рафаел (2010г.) и сопруга на познатиот тренер Гери Лог од 2001г. Гери е актуелен тренер на легендарниот Мо Фара. Тие моментално живеат во Монте Карло. Таа гордо изјавува дека сега, откако се повлече од професионалното трчање, сака да поминува време со децата и да им помага во нивното образование, дури заедно со нив учи и француски (јазикот кој е официјален во Монте Карло) и на шега признава дека децата се подобри од неа во тоа.
И покрај тоа што веќе неколку години е “пензионирана“ атлетичарка и маратонка, сепак е огромен подржувач на Кралицата на спортовите, секогаш е присутна на големите атлетски настани и маратони како промотор и со задоволство сака да го афирмира женското маратонско трчање, што е една од главните причини зошто таа ја прифати нашата покана да биде дел од овогодинешниот
Виз Ер Скопски Маратон.
Освен тоа, таа е и голем дел од ИААФ (IAAF, Интернационална Атлетска Асоцијација на Федерации) и огромен поборник против употреба на недозволени супстанци/допинг помеѓу спортистите.
Со нетрпение ја очекуваме во Македонија, на
Виз Ер Скопски Маратон на 6-ти мај.