На прашањето дали во иднина би останал во академскиот свет или би преминал во приватниот сектор и во која држава би го направил тоа, сè уште немам одговор. Македонија секогаш ќе биде мојот дом и никогаш не би ја исклучил можноста да се вратам и да се обидам да изградам кариера и живот таму. Главната причина поради која заминав од Македонија беше мојата љубопитност и желба да се образовам во различни држави во светот.
За нашите млади таленти и големиот потенцијал што тие го носат во себе, обично дознаваме откако веќе ја напуштиле државата и почнале да редат професионални успеси, „бранејќи ги боите“ на други земји. Запознајте го Мартин Попески. Скромно 22-годишно момче со ни малку скромен талент и апетит за успешна иднина. Тој веќе има диплома по математика со менаџмент и финансии на Кралскиот колеџ во Лондон, а моментално е на магистратура на научниот универзитет ETH во Цирих.
Мартин е роден во Вевчани, каде што завршил основно образование во „Страшо Пинџур“, а по освоеното прво место на приемниот испит, успеал да се запише во средното училиште „Јахја Кемал“ во Струга.
- Кога бев во последната година од основно образование, мотивиран од страна на моето семејство, одлучив да учествувам на натпреварите и приемниот испит што ги организира приватното училиште „Јахја Кемал“. На приемниот испит го освоив првото место, со што ми беше доделена целосна стипендија - вели Мартин.
Како мал си ги „поправав“ компјутерот и нинтендото
Уште како мал, Мартин бил љубопитно дете и најмногу сакал да поправа апарати, на пример, неговиот компјутер или нинтендото. Тоа му ја разбудило љубовта кон информатиката. Подоцна развил и интерес за математиката и токму таа наука е еден од главните „виновници“ за неговиот подоцнежен образовен раст.
- Уште од најмала возраст бев заинтересиран за ИТ-технологијата. Отсекогаш сам го „поправал“ мојот компјутер или лаптоп, или како дете моето нинтендо. Подоцна кога почнав посериозно да се образовам, бев привлечен и од светот на математиката. Тоа придонесе да учествувам на натпревари по математика во текот на четирите години од моето средно образование. Тоа влијаеше и врз мојата одлука во која насоката да го продолжам образованието - додава Мартин.
- Кога започнав во „Јахја Кемал“, се соочив со една компетитивна култура во која учениците многу често учествуваа во секакви натпревари, почнувајќи од стандардните натпревари кои се одржуваа во Македонија, сè до натпревари на светско ниво во САД, Велика Британија, Холандија, Романија, итн. Покрај натпреварите по математика во Македонија, учествував на натпревар за проекти и млади иноватори во Хјустон, Тексас. Овие натпревари ми отворија голема перспектива во однос на тоа како сакам да ја развивам мојата кариера – кажува Мартин.
Со три награди успешно го совлада Кралскиот колеџ во Лондон
Тој уште од мали имал желба да се школува во странство, а амбициите за такво нешто се интензивирале по запишувањето во средното училиште „Јахја Кемал”. Тоа училиште е познато по големата „колонија“ на свои ученици што се на студии во странство. Токму оваа амбиција го одвела Мартин до Кралскиот колеџ во Лондон, каде што успеал да биде примен со стипендија. Во Лондон, Мартин освен со дипломата, се стекнал и со три награди.
- Кралскиот колеџ и отсекот математика со менаџмент и финансии беа едни од попривлечните понуди, но пресуден беше фактот што овој универзитет се наоѓа во Лондон, како светска метропола и една од најпосакуваните дестинации за кариера во финансии. На Кралскиот колеџ фокусот главно ми беше насочен на математичка теорија и нејзината примена во финансискиот свет. Во текот на тригодишните студии се стекнав со три поголеми награди, и тоа за најдобар студент во мојата насока, потоа наградата “King’s Research Award” за мојот труд претходното лето и “Drew Medal”, кој ми беше доделен за најдобар студент во целиот математички оддел.
Стипендија за постдипломски во Швајцарија во тесна конкуренција
Љубопитноста што го следи Мартин од мало дете е причината поради која тој сè уште останува надвор од Македонија. Успехот на Кралскиот колеџ му бил отскочна штица за постдипломските студии каде што имал избор помеѓу два еминентни универзитети, а се одлучил за тој во Швајцарија каде што добил стипендија во прилично тесна конкуренција и моментално е таму на студии.
- По додипломските студии, одлучив да продолжам на постдипломски студии и бев примен на трите престижни институции: ETH Zurich, EPFL, University of Oxford. Мојот прв избор беше ETH поради светски познатата репутација за компјутерски науки што овој универзитет ја има, и згора на тоа ми беше доделена стипендија, како еден од триесетте стипендисти во одделот за компјутерски науки, кој патем брои околу 400 нови студенти секоја година. Стипендијата ги покрива школарината и целосните трошоците за живот во Цирих. Тема на моите студии е вештачка интелигенција и примена на алгоритми од оваа област во различни делови на реалниот свет.
Не ја исклучувам можноста да се вратам во Македонија
Иако секогаш гледа чекор напред, Мартин во моментов е фокусиран на судиите и нема јасна слика околу тоа дали би се вратил во Македонија или кариерата би ја градел во некоја друга земја. Магистерските во Цирих во голема мера ќе го одредат неговиот правец, така што може само да се надеваме дека овој млад и просперитетен ум во иднина ќе има амбиција своето стекнато знаење да го применува во земјата во која е роден.
- Моментално се фокусирам да извлечам што е можно повеќе од моите студии. На прашањето дали во иднина би останал во академскиот свет или би преминал во приватниот сектор и во која држава би го направил тоа, сè уште немам одговор. Македонија секогаш ќе биде мојот дом и никогаш не би ја исклучил можноста да се вратам и да се обидам да изградам кариера и живот таму. Главната причина поради која заминав од Македонија беше мојата љубопитност и желба да се образовам во различни држави во светот. Во моментов се надградувам со вештини потребни за успех во мојата област и планирам ова да го правам во наредните две години преку студиите и некои дополнителни активности од кои сум дел. Компјутерските науки, а особено вештачката интелигенција е дел од мојот живот и ќе биде подлабоко во иднина - заврши Мартин.
Фото: Приватна архива