X
 18.05.2018 Наука

Што ја нагризува озонската обвивка?

Научниците откриле неочекувано зголемување на нивото на трихлорофлуорометан (CFC-11) во атмосферата, што предизвикува големо оштетување на озонската обвивка.

Тие велат дека според нивните податоци, голема е веројатноста новите нелегални емисии на CFC-11 да доаѓаат од Источна Азија. Ова би можело да предизвика озонската дупка потешко да закрепне и да се влошат климатските промени.

dupka
Фото: Thinkstock


CFC-11 е еден од низата хлорофлуојаглероди што првично биле развиени како средство за ладење во 30-тите години. Исто така, тие се користеле во аеросолните спреови и растворувачи. Но на научниците им биле потребни децении за да откријат дека CFC во атмосферата ослободува атоми на хлор што брзо можат да ги уништат молекулите на озонот.

Новото истражување објавено во средата покажува дека стапката на опаѓање на концентрацијата на CFC-11 била постојана во периодот помеѓу 2002 и 2012 година. Сепак, од 2012 година наваму падот е намален за околу 50 отсто. Покачените нивоа на CFC-11 биле откриени во 2013 година во опсерваторијата Маун Ло на Хаваите.  

Авторите на истражувањето велат дека нелегалното производство на CFC-11 најверојатно се случува во Источна Азија.

Д-р Стивен Монцка од американската Национална управа за океански и атмосферски истражувања изјави дека сите анализи укажуваат на тоа иако не е јасно што е мотивот за какво било неовластено ново производство.

- Се надевам дека меѓународната заедница може некако да изврши притисок врз земјите од Југоисточна Азија, можеби Кина, да истражуваат од каде доаѓаат овие емисии - вели д-р Мајкл Хеглин од Универзитетот „Ридинг“ во Британија.

- Ако емисиите продолжат, закрепнувањето на озонската обвивка може да се одложи за десет години - додаде тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука