X
 19.04.2024 Живот

Гасификација на Македонија - дали е веќе доцна? (втор дел)

Поради многуте слабости во водењето и работењето на енергетскиот сектор во Република Македонија (РМ), дојдовме до многу незавидна ситуација. Многу објекти планирани во претходните стратегии за енергетски развој на РМ не се изградија. Ова особено се однесува на изградба на хидроцентрали (Чебрен, Галиште, Велес, ...), гасни термоцентрали со комбинирано производство на електрична енергија и топлина, застој во изградбата на гасоводната мрежа на територијата во целата земја, задоцнети и недоволни активности за зголемување на енергетската ефикасност итн.

Се направија големи грешки во минатото во однос на природниот гас, а како што одат работите денес, можни се нови грешки со релативно големи последици. На пример, иако природниот гас е пристигнат во Скопје уште во 1998 година, сѐ уште не се користи за греење на домаќинствата и во многу други згради од јавен и комерцијален карактер. А последиците се очигледни во текот на грејната сезона кога има големо загадување на воздухот со големо штетно влијание врз здравјето на населението и со зголемен број смртни случаи. Всушност, Скопје беше на врвот на ранг-листата на најзагадени градови во светот. Последниве недели имаме среќа што нема вистинска зима, па потребите за греење беа значително намалени, а со тоа се намали и аерозагадувањето.

Во секторот енергија се наоѓаме на крстопат во многу незгоден момент бидејќи термоцентралите во Битола и во Кичево се при крај со работа, нови хидроцентрали и термоцентрали не изградивме. А тие се неопходни како базно производство на електрична енергија за периодите кога обновливите извори на енергија не се доволни (кога нема сонце и ветер). Постојано увезуваме електрична енергија која во некои кризни моменти достигнува многу висока цена.

Во голем број развиени земји веќе е воведена забрана за користење природен гас за греење во новите згради. Со помош на интернет-пребарување пронајдов такви примери во повеќе земји, а тие се Австрија, Данска, Норвешка, Франција, Луксембург и Словачка, а во Белгија, Германија, Холандија и Шкотска забраната ќе почне во 2025 или 2026 година. Во неколку држави и поголеми градови во САД и Канада веќе се воведени или најавени слични мерки. А ние допрва треба да ги доизградиме магистралните гасоводи и да почнеме со изградба на дистрибутивни цевководни мрежи.
За старите (постојните) згради Европската Унија воведе мерки за постепено исфрлање на гасот за греење до 2040 или 2050 година.

Дали гасификацијата на РМ оди кон слеп колосек? Може да се каже и да и не. Има повеќе дилеми кои зависат од многу фактори: какви технички решенија ќе се применат за користење на гасот, потребен е квалитетен инженерски кадар, односот кон животната средина (климатските промени; локално загадување на воздухот), можни алтернативни извори на енергија, национални и меѓународни договори и прописи, економски фактори, потребите за гас во индустријата, сигурност во снабдувањето со електрична енергија на земјата, умешноста на нашите политичари и др. Може да се заклучи дека е потребен релативно голем тим составен од членови од разни стручни профили за решавање на проблемите и за натамошно планирање. Според мое мислење, гасот треба да биде транзиционо гориво сѐ додека не се создадат услови за производство на енергија од други извори. Нашите политичари да не прифаќаат слепо секакви совети, договори и услови кои доаѓаат од т.н. меѓународна заедница, туку приоритет да бидат нашите националните интереси. Се разбира дека треба да се контролираат и проверуваат сомнителни тендери како што беа, на пример, за хидроцентралата Чебрен, за гасната когенеративната постројка во Железара итн.

Од технички аспект, користењето на природниот гас е поефикасно со когенеративни постројки за производство на електрична и на топлинска енергија (те-то) во споредба со директно производство само на електрична енергија или само на топлинска енергија. Во случај на те-то, треба да се (до)изгради и систем за топлификација (цевководна мрежа) за одреден реон, на пример, за градот Скопје, за градот Тетово и др. Впрочем, во стратегијата за енергетски развој на РМ се наведени можни опции за инвестиции за вакви системи. Но те-то постројки може да се користат и за релативно помали самостојни објекти (болници, хотели, индустриски објекти и др.).

Во секој случај, природниот гас (ќе) се исфрли од употреба во светот, особено во системите за греење на простории во домови, згради и комерцијални објекти. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), иднината на греењето на простории ќе се реализира со топлински пумпи. Во некои земји тоа е законска обврска за новоизградените згради.

Денес има многубројни истражувања на полето на производство и ефикасно користење на енергија. На пример: помали нуклеарни електрани во споредба со досегашните (со помали безбедносни ризици), експериментални резултати со нуклеарна фузија, производство на водород како гориво со помош на енергија од обновливи извори, изградба на згради со нула енергија (zero energy building), нови типови батерии за складирање електрична енергија, разни видови ефикасни топлински пумпи и др. Сите иновации во енергетскиот сектор треба да се следат и по можност да се применуваат и кај нас.

Ако ги решаваме проблемите во енергетиката како што велат некои политичари „како досега“, тогаш тешко нам со енергијата и за индустријата и за населението, а тоа се одразува врз целокупниот живот во државата.

Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот