X
 19.07.2018 Наша тема

Поинакви часови по математика. Правиме слатки и макети, градиме куќи, си „играме“ со брашно и ориз

Ова е работа во која внесуваме дел од себе и влијаеме врз животите на младите - работа во која не може да се измери даденото и никогаш и не бараме да биде измерено – вели Адријана Тодорова, наставничка од Богданци наградена на меѓународниот турнир во Несебар

Македонија забележа голем успех со осум медали на меѓународниот турнир „Математика без граници“ што се одржа во Несебар, Бугарија. На истиот натпревар наставничката по математика Адријана Тодорова, која предава во ООУ „Петар Мусев“ од Богданци 15-ина години, го доби највисокото признание што се доделува за организациона и мотивациона дејност во својата држава, кај учениците во областа на оваа наука.
Ивана Ѓорбашлиева, Илија Чрчев и Дори Иванова од училиштето од Богданци, како и Викторија Тодорова од ООУ „Владо Кантарџиев“ - Гевгелија, се вратија дома со бронзени медали.



Секое дете може да научи математика

Тодорова пред две години беше прогласена за „Нај ООР наставник“ (отворени образовни ресурси во 2016 година).
- Турнирот се спроведува во три елиминациони круга во училиштата во текот на учебната година - есенски, зимски и пролетен. Учениците во секој круг се наградувани за своите постигнувања со медали и признанија, со што се зголемуваат нивната мотивација за решавање задачи и натпреварувачкиот дух. Од нашето училиште учествуваа 90 ученици. Од нив 29 деца се здобија со правото да учествуваат на финалето што се одржа во Несебар, од 30 јуни до 1 јули. 1.300 ученици од 15 земји-финалисти (Бугарија, Австралија, Азербејџан, Виетнам, Иран, Казахстан, Кина, Киргистан, Македонија, Малта, Русија, Романија, Турција, Узбекистан и Филипини) се дружеа. Натпреварот го организираа асоцијацијата „Образование без граници“ и Научно-образовниот центар „Innovation“ од Казахстан, а е поддржан и од нашето Министерство за образование.

Ја прашавме Тодорова што најмногу ја мотивира во оваа професија.

- Тоа се исклучиво учениците! Кога гледам дека во мојата училница седат ученици чии очиња љубопитно следат и со ентузијазам ја извршуваат својата задача, желбата за работа кај мене е сѐ поголема. Знам дека секое дете може да научи математика, само треба да биде поттикнато. Мојата цел е секој ученик да се почувствува вредно на мојот час и да види дека и тој може. Заемна е мотивацијата помеѓу наставникот и учениците. Колку е поголем влогот на наставникот, толку е поголем резултатот од учениците. Тоа уште повеќе го поттикнува наставникот – вели Тодорова.

Поставувањето реални проблеми мотивира

Треба да се разбуди желбата и љубопитноста кон овој предмет и децата да ја согледаат универзалноста и применливоста, а тоа се постигнува преку примена на современите и иновативните наставни форми и методи, нагласува Тодорова.

- Самото решавање задачи и седење во клупа за многу ученици е досадно и создава одбивност кон предметот. Но, доколку наставната содржина е совладана на креативен и забавен начин за нив, тие не размислуваат на математичката задача, тука на проблемот што им е поставен и треба да се реши. Поставувањето реален проблем кај учениците ја зголемува нивната мотивација да го решат. Таква е работата преку проект во која тие мора да дојдат до крајниот производ, а за да стигнат дотаму, учат нови математички знаења и ги применуваат старите – вели наставничката.


На нејзините часови децата прават слатки, градат куќи, прават макети, изработуваат кукли, си „играат“ со брашно, ориз...
- Исто така, методот на играње улоги дава посебни резултати. На пример, децата истражуваат за дадена професија, добиваат задача на нивно ниво од дадената професија и ја гледаат применливоста на математиката во неа. Вклучувањето во проекти во кои има соработка со други ученици ги мотивира да ја сработат задачата, а притоа и стекнуваат нови пријателства. Со учениците две години по ред учествувавме во Глобалниот настан- Ератостеновиот експеримент, кој се одржува на есенската и на пролетната рамноденица и притоа се одредува обемот на Земјата, заедно со партнер- училиште од истиот меридијан. Нашите партнери беа од Србија и од Романија – споделува Тодорова.

Таа креира и видеосодржини што ги објавува на нејзиниот јутјуб-канал, со кои сака на учениците да им го олесни учењето. Дигиталните содржини вметнати на правилен начин во наставата внесуваат разноликост на часот. Тие активности многу придонесуваат за децата да ја засакаат математиката.


Наградени ученички во Несебар

Просветната работа се врши само со љубов, никако поинаку.

- Ова е работа во која внесуваме дел од себе и влијаеме врз животите на младите генерации - работа во која не може да се измери даденото и никогаш и не бараме да биде измерено. Меѓутоа, сѐ уште се соочуваме со недостиг на наставни средства поради кои импровизираме, примања кои се мали, наставни програми со кои тешко се достигнува потребното ниво на знаења, нефункционирање на кариерниот развој. Тоа се работи што придонесуваат да се појави разочарување кај луѓето што решиле својот работен век да го поминат образувајќи и воспитувајќи млади генерации – смета Тодорова.


Со математика до идна професија
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема