Продажбата на носачи и колички за миленичиња во Јужна Кореја првпат ја надмина продажбата на колички за бебиња, што ја нагласи загрижувачки ниската стапка на плодност во земјата.
Стапката на плодност во оваа источноазиска земја се намали на најниско ниво од 0,78 во 2022 година, најниска на глобално ниво.
Трендот се рефлектира во продажбата на колички.
Според „Џимаркет“, оператор на платформа за е-трговија, 57 отсто од количките продадени во 2023 година биле за домашни миленици во споредба со 43 отсто за бебиња.
Како што е намалена стапката на раѓање деца во земјата, така се зголемува бројот на луѓе што се одлучуваат да одгледуваат домашни миленици. Повеќе од шест милиони домаќинства во Јужна Кореја имале домашни миленици во 2022 година, што е речиси двојно од пред 10 години.
Претседателот Јун Сук Јеол го нарече падот на наталитетот национална вонредна состојба.
- Ќе ги мобилизираме сите капацитети на државата за надминување на ниската стапка на наталитет, што може да се смета за национална вонредна состојба - изјави тој.
Федералната влада нуди финансиски стимулации за да ги охрабри паровите да имаат деца, плаќајќи од 24.000 до 35.000 евра од раѓање додека детето не наполни седум години.
Во март беше објавено дека бројот на бракови е намален за 40 отсто во текот на изминатата деценија. Бројот на евидентирани бракови во 2023 година изнесува 193.673 наспроти 322.807 во 2013 година.
Според Анкетата за трендовите на населението спроведена од страна на Статистика на Кореја, Јужна Кореја минатата година доживеа значителни демографски промени кои се карактеризираат со пад на бројот на браковите и на наталитетот.
Извор:
Independent.co.uk
Фото: Freepik