X
 19.12.2022 Живот

„Откажувањето не е опција“, вели Теодора Трајковска, графички дизајнер во „Нова солутионс“

Упорна и верува во себе – така можеме да ја опишеме младата Теодора, графички дизајнер во „Нова солутионс“. Иако по професија е професор по англиски јазик, Теодора е главниот графички дизајнер во „Нова солутионс“. Нејзините дизајни ги красат профилите на познатите македонски компании на социјалните мрежи, но, исто така, зад себе има десетина успешни проекти во делот брендирање.

Како еден несуден професор по англиски јазик се најде во водите на графичкиот дизајн?

- Па многу лесно, но кога ќе се вратам четири години наназад, и не беше баш така. Имено, по завршувањето на средното училиште бев во една недоумица што да запишам. Јазиците добро ми одеа и навистина уживав во учењето на англискиот јазик. Од друга страна, имам голема љубов кон фотографија и декорирање. Дури имав отворено една инстаграм-страница на која ги презентирав моите фотографии и креирани декорации.
Кога дојде моментот за запишување на факултет, по долго размислување и консултација со родителите, сепак се одлучив да се запишам на Педагошкиот факултет, насока за англиски јазик. Студирањето не ми претставуваше товар, но како што поминуваше времето, никако не се замислував како професор по англиски јазик.
Почнав паралелно со студирањето повеќе да се интересирам за фотографирањето, техниките на фотографирање, но исто така и за обработката на фотографии. Гледав голем број онлајн курсеви, јутјуб-туторијали и полека почнував да се запознавам со програмата за обработка на фотографии – „Фотошоп“.
Бидејќи „Фотошоп“ нуди големи можности, почнав полека, покрај обработката на фотографиите, да креирам и дизајни. На почеток креирав дизајни за постери, визит-картички и слично. Од оваa временска дистанца, кога ги гледам првите дизајни, тоa што го правев не можам, а да не се насмеам и да не се запрашам што ми беше идејата и зошто така ги правев. Но, како почетник ми требаше пракса и ментор кој би ме насочил и би ми давал соодветна критика и сугестии.



И тоа го добивте во „Нова солутионс“?

- Да, баш така. Во 2020 година, баш на почетокот на годината, компанијата „Нова солутионс“ имаше објавено оглас за практикант за графички дизајнер со можност за вработување. Испратив e-пошта со мојата скромна биографија и по неколку дена добив повратна е-порака со барање да испратам еден дизајн – слободна тема. Се одлучив да испратам дизајн на постер и по неколку дена добив покана да дојдам на интервју. Инаку, постерот беше најава за мојата изложба на фотографии.
На интервјуто ми споменаа дека веќе имаа ангажирано практикант, но би сакале да бидам дел од нивниот тим на графички дизајнери. Аплициравме преку Агенцијата за вработување на нивната програма за поддршка за практикантска работа и од март станав практикант, баш кога започна пандемијата.

Дали се сеќавате на Вашата прва задача?

- Да, како да не, тоа многу добро го паметам. Ме прашаа дали активно возам автомобил и на мојот потврден одговор ја добив и првата задача – да креирам дизајн за објава на социјалните мрежи за Весна акумулатори.
Иако сум возач, за акумулатори не знаев ништо - освен дека се тешки. Покрај тоа, поради пандемијата, работевме од дома, што ми ја отежнуваше комуникацијата со мојот ментор и со другите колеги.
Но и покрај тие почетните тешкотии, успеав да креирам дизајн кој (по неколку ревизии) беше прифатен како од мојот ментор така и од клиентот.
Се чувствував како да го искачив Пелистер.



Со кои предизвици се соочивте во текот на практикантската работа и понатаму во работењето во маркетинг-агенцијата?

- Она со што на почетокот се соочив е вистината – станав свесна колку не знам, но тоа не ме депримира, туку уште повеќе ме мотивираше да ги стекнам потребните знаења. Имав среќа што имав трпелив ментор (Димитар Тутковски), но и трпеливи колеги, кои несебично го споделуваа нивното знаење и ме насочуваа во вистинска насока.
Првите предизвици беа во креирање графички дизајни наменети за социјалните мрежи. Тука основниот предизвик ми беше од една страна да креирам дизајн кој ќе предизвика акција на корисниците на социјалните мрежи, но од друга страна, таков дизајн да биде прифатлив и за самиот клиент.
Вториот чекор беше учење за креирање подготовки за печат. Тоа бараше и запознавање со програмата „Адобе илустратор“, која баш и не ја познавав најдобро. Тука првата задача ми беше да креирам подготовка за реклама за еден магазин. Најголемиот страв ми беше дали добро ги наместив димензиите и делот за обрез. Морам да признам дека ми падна голем камен од срце кога ми го прифатија дизајнот и дека тој беше испечатен во магазинот (сѐ уште го чувам).

И по три години калфата стана мајстор.

- Да, точно така - челикот се искали. Но има простор и понатаму да се напредува и да се учи. Имено, секоја година доаѓаат нови трендови и нови предизвици во маркетинг-секторот, кој бара нови знаења и нови технологии.
Она што ми е мило е што знаењето што го стекнав од моите ментори и во текот на работењето ѝ го пренесувам на нашата нова практикантка – Теодора, која има слична приказна како и мојата, а не само исто име.
На некој начин, иако не сакав да бидам професор на англиски јазик, станав еден вид едукатор, но за графички дизајн. Имено, покрај обука на практиканти, станав и едукатор во Еду Фронт – едукативен центар за програмирање, графички дизајн и веб-дизајн за деца. Навистина претставува задоволство да се работи со дечиња во делот на графички дизајн. Многу се креативни, сакаат да учат, но од друга страна и јас учам од нив некои работи.



Која е пораката што сакате да ја испратите до младите луѓе кои размислуваат на што да се запишат?

- Пораката е едноставна – слушајте го своето срце и не откажувајте се од вашите цели. Откажувањето не е опција!

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот