X
 25.08.2020 Култура

Почина Михајло Арсовски, скопјанецот „изумител“ на хрватскиот дизајн

Граѓаните на Загреб го доживуваат како есенција на градскиот живот, изумителот на хрватскиот дизајн, зачетникот на поп-културата во Хрватска во 60-тите години

Го нарекуваа еден од најголемите уметници во поранешна Југославија. Михајло Арсовски беше скопјанецот за кој малку скопјани знаат, но граѓаните на Загреб го доживуваат како есенција на градскиот живот, изумителот на хрватскиот дизајн, зачетникот на поп-културата во Хрватска во 60-тите години. Починал вчера во Загреб, на 83 години, неколку месеци по смртта на неговата сопруга.

Македонската ликовна сцена пред повеќе од три години го одбележа неговиот 80. роденден со ретроспективна изложба во Музејот на современата уметност. На изложбата под наслов „Плакати“ првпат пред македонската јавност беа изложени 65 плакати од Арсовски, повеќето работени во ситопечат и еден во офф-сет. Збирката беше дел од колекцијата на Музејот на современата уметност во Загреб.


Од изложбата „Плакати“ во Музејот на современата уметност во Скопје / Фото: Архива на МСУ

Арсовски последната деценија од животот беше речиси невидлив за јавноста. Не даваше интервјуа, не се појавуваше на врачувањето на наградите за животно дело. Тек-тук во медиумите се среќаваше понекоја случајна фотографија. Во 2008 година, кога бил поканет да ја прими наградата за животно дело од Хрватското дизајнерско друштво, која била проследена со негова ретроспективна изложба, едноставно одговорил:
- Награди за животно дело им се даваат на тие што се сметаат за отпишани, а јас со тоа не се согласувам. Не ја сакам таа изложба и нема да одам на отворањето. Не сакам ниту да ме фотографираат, не сум веќе млад и убав, како во времето кога ме фотографираа како 25-годишник на рид, додека бев на работна акција. Молам да не ме забележуваат, тоа ми е најдраго. И ги молам пријателите да го почитуваат мојот став - изјавил тогаш кусо за хрватскиот весник „Национал“.

Михајло Арсовски е роден на 9 јули 1937 година во Скопје, во фотографско семејство, левичари, кое по Втората светска војна се преселило во Загреб. Веќе кон средината на 60-тите години создава свој препознатлив визуелен јазик со спојување на колажот, фотомонтажата, типографските цитати, често потенцирајќи го токму пикторалното и визуелното влијание.
- Тој е еден од најавтентичните пионери на графичкиот дизајн од 60-тите години, признат по своите смели визуелни решенија, чија иновативност може да се препознае и денес кај дизајнерите во Хрватска. Со спојот на слики од високата и поп-културата тој е, секако, зачетник на постмодернизмот во графичкиот дизајн - велат историчарите на уметност.


Михајло Арсовски / Фото: Архива на МСУ

Арсовски одиграл клучна улога во едукацијата на многу млади дизајнери во Хрватска во 80-тите години, меѓу кои Мирко Илиќ, Дејан Кршиќ, Никола Ѓурек и други. Тоа е период кога во Хрватска никој не се занимавал со соодветна едукација посветена на типографијата.
Важел за голем уметник кој ги кршел стереотипите, гласно се противел на тогашното комунистичко општество, ретко се појавувал на изложбите во кои биле застапени неговите дела.

Арсовски е далеку познат по студиозната и темелна работа. Секогаш темелно ја проучувал книгата што ја илустрирал. Поради тоа, понекогаш ги пробивал сите рокови. Една анегдота вели дека толку доцнел, што уредниците отишле кај него дома да видат во која фаза е. Се разбира, не бил готов. За да не се соочи со уредниците, наводно излегол низ задната врата, намерно оставајќи траги во снегот, а ѝ рекол на сопругата да им каже дека го нема. Тој се вратил дома одејќи наназад, по истите стапки и чекал нарачателите да си одат.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура