X
 20.04.2021 Живот

Филипче: Институтот „Торлак“ ќе биде наш стратешки партнер за набавка на вакцини

На денешната средба на министерот за здравство Венко Филипче со српскиот министер за здравство Лончар се разгледуваа повеќе прашања поврзани со пандемијата, како и соработката помеѓу двете држави при процесот на надминување на коронавирусот во двете земји. Министрите на прес-конференцијата, која се одржа во Белград, во изјавите за медиуми потенцираа дека размената на информации и искуства поврзани со актуелната состојба е од голема помош и се случува многу често на неделно и месечно ниво, пишува во соопштението на Министерството за здравство.

- Ние се состануваме почесто и сметаме дека овие средби се неопходни за да размениме искуства и информации. Како што знаете, коронавирусот не знае за граници, соодветно на тоа мораме и да се однесуваме. Ја анализиравме денеска ситуацијата и мерките кај нас и кај другите, една од најбитните теми беше вакцинацијата кај нас и кај вас и, секако, како таа да се забрза, да се вакцинираат што поголем број луѓе, како и што да се прави со останатите пациенти, кои секако не се малку. Во секој случај, продолжуваме понатаму со нашата соработка, тоа го правевме и досега, ќе продолжиме и понатаму - изјави српскиот министер Лончар.

Венко Филипче во својата изјава за медиумите се обрати и до граѓаните на Србија и упати благодарност за целокупниот процес кој досега во неколку наврати го организира соседна Србија при донациите што ги добивме како и при организацијата за вакцинација на голем број македонски граѓани во нивната држава.

- Благодарност во име на граѓаните на Северна Македонија до братскиот српски народ за значајната донација на вакцини, процес кој е организиран благодарение на министерот Лончар, премиерката Брнабиќ и посебно претседателот Александар Вучиќ. Благодарение на тие вакцини, ние го започнавме процесот на имунизација и сега се вакцинирани сите здравствени работници што работат во ковид-центрите, дел од вработените во полиција, војска, судовите итн. Дозволете да изразам благодарност за тоа што Србија ширум ни ги отвори вратите да бидат вакцинирани и нашите граѓани заедно со српските граѓани овде во Србија и со тоа направи еден огромен чин на пријателство, посебно во временски период кога никаде во светот вакцините не стигнуваат со потребна и пожелна брзина, а тој процес Србија навистина го реши феноменално - кажа министерот Филипче.

На денешниот состанок донесена е одлука Институтот „Торлак“ да биде стратешки партнер на државата при идните набавки на вакцини и во периодот што следува.

- Договоривме Институтот „Торлак“ да биде наш стратешки партнер што се однесува на набавка на вакцините во периодот што е пред нас. Многу е веројатно дека оваа пандемија нема тукутака да запре, многу е веројатно дека оваа вакцина ќе стане сезонска. Со ваквото партнерство обезбедуваме долгорочна соработка и стабилен извор на вакцини. Благодарение на министерот Лончар, премиерката Брнабиќ и посебно претседателот Александар Вучиќ, преку донацијата на вакцини од Србија ние го започнавме процесот на имунизација кај нас. Поради овој пријателски гест, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука сите српски граѓани да бидат ослободени од плаќање патарини од 15 јуни до 15 август - изјави министерот Филипче.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот