Намалената финансиска поддршка за имплементација на болоњските принципи на студирање, немањето мерила и критериуми за финансирање на дејноста на високообразовните установи, намалувањето на финансиските средства за научноистражувачката дејност на факултетите и на научните институти, прашањето на неадекватно кадровско обновување и сл., се одразуваa врз остварувањето на определбите на Универзитетот да го добие заслуженото место на светските ранг-листи на универзитети“, пишува во Извештајот за работата на УКИМ
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го слави 70-тиот роденден. Каде е денеска местото на нашиот најстар Универзитет, кој го носи името на големите просветители светите Кирил и Методиј?
УКИМ е универзитетот што ги прибира најголемиот број македонски студенти. Според последниот извештај на
Државниот завод за статистика, во студиската 2017/2018 година тука се запишале 26.024 студенти, од кои 6. 444 во прва година. Вкупниот број на студенти во Македонија изнесува 56.941, што значи дека половината од студентите учат на УКИМ.
На националното (домашното) шангајско рангирање УКИМ е секогаш на прво место, но никако да се избори за место меѓу првите 500 или 1.000 на Шангајската листа.
Експертите велат дека како држава прво треба да решиме дека сакаме да нè има на оваа листа и секако да одвоиме пари.
УКИМ не се подмладува
Честите промени на Законот за високото образование негативно се одразија општо на оваа сфера, но и на развојот на УКИМ. Последните измени, односно
новиот Закон е донесен во март минатата година, но тој сѐ уште не може да профункционира бидејќи
статутите на универзитетите сѐ уште не поминаа во Собрание. Таму се речиси една година, а со тоа се кочи работата на факултетите.
УКИМ е старец и по годините, но стар е и кога е во прашање подмладокот. На некои факултети немало вработување цела деценија. Токму на недостигот на кадар се жали и ректорот Никола Јанкуловски во последниот
Извештај за работата на Универзитетот за периодот 16 септември 2017 - 30 септември 2018 година, кој е доставен во Собранието.
„Универзитетот, и во овој извештаен период, постојано го актуализираше прашањето за вработување нов соработнички, наставно-научен, административен и друг вид кадар. До Министерството за образование и наука беа проследени барања за добивање согласности за вработување на вкупно 443 лица, од кои: 75 барања за наставен кадар, 289 барања за соработнички кадар, 46 барања за административен и 33 барања за помошно-технички кадар. Во извештајниот период беа добиени вкупно 23 согласности, и тоа: 8 за наставен, 12 за соработнички и 3 согласности за помошно-технички кадар. Со оглед на недостигот на наставно-научен и административен кадар, Универзитетот и понатаму ќе продолжи со проследување на барањата на единиците до надлежните институции за добивање согласности за нови вработувања, со цел подобрување на кадровската структура на Универзитетот, што е во насока на поквалитетно извршување на високообразовната и научноистражувачката дејност“, пишува во извештајот.
Ректорот д-р Никола Јанкуловски
Иако се очекуваше новиот Закон да го олесни вработувањето на факултетите и да ги подмлади со оглед на тоа што асистентите се вратија во него, некои професори велат дека
тоа нема да функционира.
- Кога се правеше новиот Закон за високото образование, имаше еден член кој велеше дека кога професор ќе замине во пензија, автоматски на неговото место ќе може да се вработи друг. Се работи за проста репродукција која требаше да важи и за административниот кадар. Но, од Влада го избришаа овој член, па практично сѐ е исто како порано. За нови вработувања секој декан ќе мора да оди на „баци рака“ кај министерот за финансии - ни изјави професорот Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје.
За наука се крати од ништо
Буџетот за наука што се одвојува од државата е проблематичен со години. Како држава одвојуваме само
0,2 проценти од БДП, а Словенија, на пример, 2,2 проценти.
„Како може да се крати од ништо“, изјавија професори на последното скратување на буџетот за наука.
И во годишниот извештај за работата на УКИМ ректорот Јанкуловски нотира дека има проблеми со намалувањето на финансиските средства за научноистражувачката дејност.
- Како и досега, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје продолжува да се соочува со низа ограничувачки фактори кои негативно се одразуваат врз динамиката и степенот на реализацијата на целите и задачите кои придонесуваат за позабрзан и посеопфатен развој на високообразовната дејност. Намалената финансиска поддршка за имплементација на болоњските принципи на студирање, немањето мерила и критериуми за финансирање на дејноста на високообразовните установи, намалувањето на финансиските средства за научноистражувачката дејност на факултетите и на научните институти, прашањето на неадекватно кадровско обновување и сл., се одразуваa врз остварувањето на определбите на Универзитетот да го добие заслуженото место на светските ранг-листи на универзитети - пишува во Извештајот.
Во истиот извештај е нагласено дека за остварување на целокупната визија за најстар и најдобар универзитет во земјава, кој се стреми кон повисоки ранг-позиции и меѓу странските универзитети, неизбежни се остварувања на приоритетни цели. За поставување на тие цели и приоритети, како и за утврдување на деталите за активностите кои треба да се извршат, во завршна фаза е изготвување на Стратегија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за периодот 2017/2018 - 2022/2023.
- Поради потребата од поефикасно и ефективно дејствување во рамките на интегриран универзитет се работи на изготвување единствен сметководствен систем на Универзитетот - пишува во извештајот.
Добра мобилност на студентите и професорите
Потенцирани се и позитивните оцени од Извештајот за надворешна евалуација и напредокот од претходната евалуација.
„Од последната евалуација, Универзитетот успеа да го подобри соодносот на вработени и студенти, кој се движеше од 1:27 на 1:22, и покрај финансиските ограничувања со поделбата на студенти во помали групи и ангажирање професори на краткорочно време. Тимот позитивно го оценува постојаното ажурирање на студиски програми со цел подобрување на вработливоста на студентите. Експертскиот тим целосно го поддржува значителниот напор што се вложува за да се создаде онлајн-архива за учебници. Исто така, тимот утврди дека Школата за докторски студии претставува значаен прв чекор кон подобрување на докторското образование и дека насоките за методологија и етика се одлични идеи кои станаа дел од стандардната одредба во училиштата низ Европа. Надворешниот тим за евалуација го истакна и значајниот развој во зголемувањето на мобилноста на студентите и кадарот и потпишувањето билатерални договори, како и тоа дека меѓународните активности го содржат важниот интегративен елемент на УКИМ и придонесуваат за внатрешен квалитет и углед на Универзитетот во странство“.
Нефункционално студентско организирање
Поради неизгласаниот Статут на УКИМ во Собранието, трпи и
студентското организирање, кое речиси и да не функционира.
Новата академска година во Македонија студентите ја започнаа со големи очекувања во врска со тоа што ќе им донесе новиот Закон за високо образование изгласан пролетва, според кој, се надеваат дека ќе добијат поголеми права во рамките на своите факултети и универзитети. Студентски лидер на најголемиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, иако со изминат мандат, сѐ уште е Давор Поповски. Тој беше избран во јуни 2016 година. Нов ќе изберат откако Собранието на Република Македонија ќе го изгласа Статутот на универзитетот, а деканите ќе распишат избори за ново раководство. Никој не знае кога ќе се случи тоа, а во ваква ситуација се сите државни универзитети. На УКИМ нема ниту студентски правобранител. Мобилниот телефон на последниот правобранител што е истакнат на страницата е даден на приватен корисник, а фиксниот телефон е исклучен.
УКИМ има проблеми и со
платите на професорите. Иако со ист статус и обврски, некои професори имаат плата од 500, а некои од 2.000 евра. Некои професори сметаат дека токму платите почнаа да го рушат квалитетот во високото образование.
Еве како!
УКИМ утре го почнува славењето со свеченостите по повод 70 години од основањето, како и одбележувањето на Денот на светите Кирил и Методиј – патрониот ден на Универзитетот.
Централната прослава ќе почне утре во 10 часот во универзитетскиот кампус. Ќе има промоција на монографијата Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје 1949-2019, доделување награди на најдобрите студенти. Вечерта во 20 часот во Филхармонија ќе се одржи свечената академија со посебна програма. Ќе има и проекција на филм посветен на 70-годишниот развој на Универзитетот, а покрај ректорот Никола Јанкуловски, пред присутните ќе се обрати и премиерот Зоран Заев.