X
 02.11.2026 Живот

Реконструираните семејства се реалност и не треба да се третираат како проблематични или дисфункционални, вели проф. Ирена Авировиќ Бундалевска

На реконструираните семејства им е потребна поддршка што ќе ги препознае нивните специфични потреби, без однапред да ги третира како проблематични или дисфункционални. Таа поддршка треба да биде континуирана и да започне уште пред формирањето на новата заедница, преку семејна едукација и подготовка на партнерите и децата за промените што следуваат, смета професорката Ирена Авировиќ Бундалевска

Во стручната литература покрај терминот реконструирани семејства, можат да се сретнат и називите рекомпонирани или мешани семејства. Станува збор за семејства што се формираат кога едниот или двајцата партнери влегуваат во нова партнерска или брачна заедница, при што барем еден од нив има дете од претходна врска или брак, ни споделува професорката Ирена Авировиќ Бундалевска од Институтот за семејни студии при Филозофски факултет – Скопје.

Во овие семејства истовремено постојат претходни родителски врски, нови партнерски односи и нови семејни улоги. Затоа, нивното формирање треба да се разбере како постепен процес на приспособување, а не како еднократен настан.

- Еден од најголемите предизвици на реконструираните семејства е токму воспоставувањето нови улоги и граници, но, за децата, оваа транзиција може да биде особено сложена. Можат да се појават несигурност, отпор кон промените или страв дека прифаќањето на новиот партнер значи предавство на другиот родител. Како што нагласува американскиот експерт за реконструирани семејства Патриша Пејпернау, формирањето реконструирано семејство бара време, трпение и постепено градење на односите. Љубовта меѓу новите партнери не значи дека и децата автоматски ќе ја почувствуваат истата блискост. Затоа е важно нивното темпо на приспособување да биде почитувано - објаснува Авировиќ Бундалевска.



Реконструираните семејства се соочуваат со низа општествени предрасуди

Филозофскиот факултет при УКИМ, преку Институтот за семејни студии, стана основач на Првата светска мрежа посветена на истражување, професионална практика и развој на политики за реконструираните семејства.

- Најголемата вредност на меѓународната мрежа за реконструирани семејства, која беше основана минатиот месец во Охрид, е можноста реконструираните семејства да се проучуваат од повеќе аспекти и научните сознанија постепено да се преточуваат во практични форми на поддршка. Здружението има цел да дејствува како меѓународна платформа за соработка, која ги поврзува стручните лица, истражувачите, претставниците од академската средина, невладините организации и семејствата, со цел унапредување на знаењата, практиките и политиките поврзани со реконструираните семејства. Некои од главните цели на здружението се однесуваат на: истражување на разновидноста на реконструираните семејства во различни општества; поттикнување меѓународна соработка на нејзините членови; поддржување на научните истражувања и практиките засновани на научни докази; организирање обуки, вебинари и меѓународна конференција на секои три години - споделува Авировиќ Бундалевска.

Според неа, научната литература покажува дека реконструираните семејства не се соочуваат само со внатрешни предизвици, туку и со низа општествени предрасуди.

- Американските научници Ганонг и Колман посветуваат особено внимание на културниот контекст и стигматизацијата на семејните структури што отстапуваат од традиционалниот семеен модел. Ова е апликативно и за македонското општество, каде што, на пример, одредени стереотипи за маќеите и очувите можат да влијаат врз начинот на кој се перципираат овие семејства, па дури и самите термини, за жал, кај нас сè уште имаат пејоративна конотација. Затоа е важно да се променат погледот и пристапот кон реконструираните семејства. Наместо да се прашуваме дали едно семејство одговара на традиционалниот нуклеарен модел, треба да се прашуваме дали неговите членови имаат сигурност, поддршка, стабилни односи и услови за здрав развој - изјавува Авировиќ Бундалевска.

Повидливи во истражувањата, јавните политики и професионалната практика

На реконструираните семејства им е потребна поддршка што ќе ги препознае нивните специфични потреби, без однапред да ги третира како проблематични или дисфункционални. Таа поддршка треба да биде континуирана и да започне уште пред формирањето на новата заедница, преку семејна едукација и подготовка на партнерите и децата за промените што следуваат. Особено се важни разговорите за очекувањата, распределбата на родителските улоги, границите, дисциплината, односите со поранешните партнери и постепеното воспоставување блискост меѓу новите членови, смета Ирена.

- Во Македонија постојат институции и стручни лица што обезбедуваат различни облици на општа семејна и психосоцијална поддршка, меѓу кои центрите за социјална работа, приватни советувалишта, психолозите, социјалните работници, семејнолозите итн. Сепак, постоењето општи услуги не значи автоматски дека се развиени и специјализирани програми за реконструирани семејства. Сметам дека ова е област на која ѝ е потребно поголемо институционално и истражувачко внимание. Потребно е да се утврди какви услуги навистина се достапни, колку се приспособени на овие семејства и дали професионалците располагаат со соодветни алатки или им е потребна дополнителна обука во оваа област - истакнува нашата соговорничка.


Проф. Ирена Авировиќ Бундалевска

Професорката Ирена Авировиќ Бундалевска вели дека потребно е реконструираните семејства да станат повидливи во истражувањата, јавните политики и професионалната практика. Семејните политики треба да ја препознаат разновидноста на современите семејни структури.

- Во образованието на стручните профили што работат со семејства, потребно е да се посвети внимание и на родителството во периодот по разводот на брачната заедница, реконструираните семејства и различните облици на семејни транзиции. Конечно, во стручната практика, потребни се едукативни програми што ќе им помогнат на професионалците да работат со овие семејства без стереотипи и со разбирање за нивната сложена динамика. Токму тука ја гледам и улогата на меѓународната мрежа: преку заеднички истражувања, размена на искуства, научни конференции, обуки и развој на практични ресурси, може да се создаде мост меѓу академската заедница и институциите. Би нагласила дека особено е важно решенијата да не бидат едноставно преземени од други земји, туку да се приспособат на конкретниот македонски социјален, културен и институционален контекст. Крајната цел не е само да произведуваме нови научни сознанија, туку тие да придонесат за подобра поддршка и поквалитетен семеен живот - вели таа.

Важноста на интердисциплинарниот пристап при изучување на семејството


Првата меѓународна конференција за реконструирани семејства се одржа на Малта во 2025 година и токму таму се роди идејата за формирање на меѓународната мрежа. Можноста за одржување на втората меѓународна конференција посветена на реконструираните семејства во Македонија во 2028 година има значајна научна, професионална и општествена вредност.

- Тоа претставува можност една тема што досега не добивала доволно внимание во домашниот академски и јавен простор да се постави во центарот на научната дискусија. За нас, како истражувачи во областа на семејните студии, ова е и можност да ја истакнеме важноста на интердисциплинарниот пристап при изучување на семејството бидејќи реконструираните семејства се тема што ги поврзува семејните студии, социологијата, психологијата, социјалната работа, правото, педагогијата, демографијата и јавните политики. Конечно, сметам дека е најважно да испратиме порака дека разновидноста на семејните форми не треба да се доживува како отстапување од некаква идеална норма, туку како реалност на современото општество. Нашата задача, како научна и професионална заедница, е да ја разбереме таа реалност и да придонесеме секое семејство да има пристап до знаење, поддршка и услови за квалитетен живот - подвлекува професорката Авировиќ Бундалевска.

Фото: magnific
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот