Драмската програма на фестивалот ќе биде посветена на Горан Стефановски, а ќе го видиме и Никола Ристановски во главната улога на претставата „Иванов“ на Народниот театар од Белград, најави селекторот Александар Поповски
Виолинистката Ванеса Меј ќе го отвори 59. Охридско лето на 12 јули на Античкиот театар. Таа ќе настапи заедно со Оркестарот на Македонската филхармонија и солисти од Македонската опера и балет, под диригентската палка на Иван Кожухаров од Бугарија. Меј го одржа својот прв концерт пред македонската публика пред две години во Скопје.
Директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција изрази уверување дека публиката ќе има незаборавна вечер со Меј, за која истакна дека не случајно го носи епитетот светско чудо.
- Убедена сум дека заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и вокалните солисти од Македонската опера и балет ќе направат спектакуларен концерт - рече Поповиќ.
Наташа Поповиќ и Васо Ристов
Поповиќ најави богата и квалитетна уметничка понуда со врвни уметници.
- Низ 40-те фестивалски дена вљубениците во уметноста ќе имаат можност да уживаат на фестивалската сцена каде што ќе се слави врвната уметност. Покрај светските уметници, почит и белег ќе дадеме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста. Тука се и традиционалните вечери кои ги правиме во соработка со амбасадите. На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Св. Софија“, во црквата „Св. Софија“, на Долни сарај и во Центарот за култура ќе се одржат над 40 културни настани - рече Поповиќ.
Што се однесува до музичкиот дел на Охридско лето, селекторот Васо Ристов истакна дека и оваа година со понудената програма и ексклузивните уметници Охрид повторно ќе стане вистинска културна метропола и како и досега, ќе привлече многу посетители кои доаѓаат од други земји и тоа само заради годинашните ѕвезди и квалитетната програма понудена на Охридско лето.
- Од успешноста на изборот на програмата секоја година зависи и реномето на фестивалот кое, според домашната, но и странска стручна критика, од година на година се воздигнува. Со тоа и градот Охрид претставува значајна светска уметничка сцена и голема културна метропола. Традиционално, имаме неколку ексклузивни проекти на кои учествуваат легендарни имиња од светската музичка сцена, имиња што долго ќе се паметат - рече Ристов притоа посочувајќи дека годинава на фестивалот ќе учествуваат уметници од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји.
Притоа тој како посебни уметнички доживувања ги посочи концертите: на рускиот виолончелист Денис Шаповалов, албанската сопранистка Инва Мула, која ќе настапи заедно со нашиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, пијано-дуото Гелебешеви, српскиот виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот „Дорицо“ од Италија, гудачкиот квартет „Асасело“ од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск, Русија. Дел од музичката програма се и словенечките уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек, албанската флејтистка Јонела Големи, руската пијанистка Виолета Егорова, како и Александер Гаџие.
Како посебен музички настан селекторот Ристов го најави и роденденскиот концерт на Охридско лето, на 4 август, со виртуозите на гитара, уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.
- Учеството на сите овие имиња, солисти, состави, камерни оркестри и оркестри е доволна потврда дека програмата и годинава ги оправдува очекувањата на љубителите на музиката. Како музички селектор сигурен сум дека настапите на големите светски уметници ќе бидат вистинско уметничко доживување за публиката - рече тој притоа нагласувајќи дека дел од музичката програма фестивалот ја реализира преку соработка со амбасади на повеќе држави во нашата земја.
Драмскиот дел на Охридско лето ќе содржи осум претстави што, како што во видеопораката пред медиумите појасни селекторот Александар Поповски, би сакал да бидат посветени на починатиот режисер Горан Стефановски посочувајќи го како „човекот кој е заслужен за генерации и генерации театарски уметници“.
Фото: Јутјуб
- За Горан Стефановски, Охридско лето беше нешто посебно и мислам дека треба да најдеме начин и сѐ уште барам вистински начин како да му се оддолжиме и како да оставиме поголем печат за она што тој го правеше за сите нас - рече Поповски.
Ќе гостуваат театри од: Словенија, Хрватска, Казахстан, Турција, Португалија, Србија и од Македонија.
- Отворањето на драмската програма ќе биде со претставата „Самрак на боговите“ според филмот на Висконти, кој сите добро го познаваме. Доаѓаат Словенечкото народно гледалишче „Драма Марибор“, претстава што веќе гостува на неколку фестивали и која на фестивалот во Ниш ги освои сите награди. Затворањето е со Народниот театар од Белград, со претставата „Иванов“ од Чехов, каде што ќе можеме да го видиме во главна улога нашиот Никола Ристановски - изјави Поповски.
Охридско лето воведува новина, односно туристички водич за уметниците и поголема промоција на националното културното наследство преку презентација на историските знаменитости на градот пред уметниците – учесници на фестивалот.
Извор: МИА