20.05.2024
Живот
Автопати „Бехтел и Енка“ - изменета динамика на изградба и плаќање
Којзнае по кој пат и овие денови повторно гледам и читам некои информации во врска со договорот за изградба на автопатите што (треба да) ги изведува фирмата „Бехтел и Енка“.
Извесно време размислувам дали да напишам и јас нешто за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10Д бидејќи тоа спаѓа во градежниот сектор, а мојата професија е машинството. Минатата година Владата на Република Македонија (РМ) склучи договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на следниве делници: Тетово - Гостивар, Гостивар - Букојчани, Прилеп - Битола и Требеништа - Ќафасан. Сумата на договорот е една милијарда и триста милиони евра, и плус предвидени се околу 300 милиони евра додатни трошоци за експропријација на земјиште. Ова е најскапиот проект што треба да се реализира во РМ, не сум чул, ниту прочитал за поскапа инвестиција од оваа досега.
Се наметнуваат многу дилеми околу овој проект, а јас ќе наведам неколку што мене ми бодат очи.
1. Вкупната цена на проектот е огромна за мала држава како РМ, но како е дојдено до таа цена кога нема ниту идеен ниту основен проект?! Сум учествувал во изработка на технички проекти во минатото, или сум бил надзорен орган, и знам дека во основниот проект на крајот има спецификација на сите вградени материјали и соодветна работна рака со единечни цени и на крајот вкупната сума. Во овој проект тоа го нема, а тоа е причина за создавање голем сомнеж во однос на цената.
2. Во сите информации за овој проект се наведува делницата Гостивар - Букојчани. Зошто не е наведена целата делница Гостивар - Кичево? Недостига дел од околу 10 км. Инаку, Букојчани е село оддалечено 2 км од с. Зајас.
3. Договорот не го потпиша ресорниот министер за патишта Благој Бочварски, туку Артан Груби - министер за политички систем и односи меѓу заедниците, дипломиран новинар, а докторирал на тема за јавни медиуми (објавено на веб-страницата на Министерството).
4. Рокот за изградба на автопатите е 4 години и 7 месеци, под услов РМ да смени некои закони како оној за работна недела од 72 часа. Еве помина една година од склучувањето на договорот, а од изградбата нема ниту еден километар автопат, а државата му има платено на изведувачот околу 230 милиони евра.
5. Склучениот договор не е ставен на увид на јавноста, не е познат голем дел од содржината. Антикорупциската комисија (од претходниот состав) предупреди дека токму ваквите договори со странските градежни компании отвораат простор за коруптивни активности од страна на оние што ги склучуваат.
Но повод за да го напишам овој текст се најновите настани и изјави од 17 мај дадени во Стопанската комора на Македонија и изјавата на г. Христијан Мицковски (најверојатно мандатар на новата Влада).
6. Претставници на „Бехтел и Енка“ имале средба во Стопанската комора и побарале помош да обезбедат 4.000 работници, вклучувајќи и стручни кадри, за работа на автопатите. Стопанската комора одговорила дека не може да им понуди работници, туку само квалитетни компании кои под еднакви услови со конзорциумот можат да ја завршат работата на автопатите.
7. Никола Велковски од Здружението за градежништво при Комората вели дека не е паметно од нашите градежни компании да се префрлаат работници во конзорциумот за да се пополнат неговите потреби, бидејќи и нашите градежни компании не успеваат да најдат соодветен кадар за своите потреби. Тој ја упатува „Бехтел и Енка“ да се обрати во Агенцијата за вработување и од ресурсите на невработени да најдат потребен кадар, иако не верува дека ќе успеат да најдат.
8. Од Синдикатот за градежништво велат дека и со помош на стопанската комора „Бехтел и Енка“ нема да можат да најдат 4.000 работници бидејќи во земјава веќе нема градежни работници, а уште помалку градежни техничари и инженери за изградба на автопати. Голем број од нив се отидени во странство поради малите плати бидејќи нашите фирми претежно работат како подизведувачи на државните проекти. Друга причина за немањето работници за изградба на патните коридори 8 и 10Д е и тоа што Владата донесе законски измени со кои работниците треба да работат 72 часа во текот на неделата дури и во екстремно лоши временски услови.
9. Христијан Мицковски изјави дека има опција да се оптимизира договорот со „Бехтел и Енка“, за што веќе имале почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот. Тој наведува дека договорот потпишан од оваа влада, за жал, во одерена мера е неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми.
10. Очигледно е дека конзорциумот „Бехтел и Енка“ нема капацитет (работници) да работи фронтално на сите четири делници од автопатите. Од потпишувањето на договорот помина повеќе од една година и се гледа дека не е изграден ниту еден километар. А како и секој договор, треба да има член со кој се санкционира доцнење на извршена работа со плаќање пенали.
11. Од друга страна, сумата од една милијарда и триста милиони евра плус голема сума за експропријација на земјиште се огромни финансиски средства што претставува преголем финансиски товар за РМ, која има потреба од итни проекти за изградба на електроенергетски објекти.
Земајќи ги предвид сите горенаведени факти, логично и рационално решение за државата, од една страна, и за конзорциумот „Бехтел и Енка“, од друга страна, е да се смени рокот и динамиката за изградба на автопатите. Во тој правец е и изјавата на Христијан Мицковски дека има опција да се оптимизира договорот, за што веќе имало почетни разговори.
Според мое мислење, делницата Гостивар - Кичево треба итно да се гради, веднаш и сега, тоа е приоритет, не треба многу да се објаснуваат причините. Што се однесува до другите делници, патот Тетово - Гостивар е приближно на ниво на автопат и таму сообраќајот се одвива без застој. Патот Прилеп - Битола е на пониско ниво од претходниот, но се работи за прав пат без големи проблеми во одвивањето на сообраќајот. Според тоа, пологично е приоритет да се даде на изградбата на ХЕЦ Чебрен и најмалку една когенеративна гасна централа, а потоа да се градат патните делници Тетово - Гостивар и Прилеп - Битола кои навистина треба да се градат, но подоцна, односно по завршување на делницата Гостивар - Кичево. Овој предлог беше содржан во написот „Приоритети во инвестициите: кои автопати, кои електроцентрали?“ објавен на 5.2.2024 на неколку интернет-портали.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје