X
 20.06.2020 Наша тема

„Тепачка“ за медицински сестри, јаките гимназии ги пополнија квотите

За 285 места во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје конкурирале 301 ученик со сите петки

Годинава уписите во средните училишта ги одбележаа протоколите поради пандемијата на Ковид-19. Наместо во два, уписите беа распределени во четири дена во училиштата каде што секоја година има голем наплив на ученици. Со определено време и по азбучен ред, предавањето на документите помина без вообичаениот метеж. Многумина коментираа дека овој модел на пријавување треба да се задржи и по завршувањето на епидемијата.



Дел од протоколот во „Јосип Броз-Тито“ во Скопје / Фото: Борче Поповски

Општиот впечаток е дека интересот за стручното образование е зголемен во споредба со лани. Како и претходните години, и годинава најголем беше интересот за гимназиско образование и за медицина. Годинава вкупно 19.297 ученици ќе се запишат во средните училишта во Македонија. Има 35.919 слободни места - 25.447 за стручно образование, 10.064 за гимназиско и 408 за уметничко образование.

Како и лани, и оваа година во скопската гимназија „Орце Николов“ се пријавија повеќе ученици со просек 5,00 од предвидениот број. За 285 места во прва година конкурирале 301 ученик со сите петки. Во оваа гимназија нема да има квалификациони тестови бидејќи поднеле молба до МОН сите ученици да се примат бидејќи не е безбедно да се организира тестирање за повеќе од 300 ученици. Ќе бидат примени сите ученици со висок просек, без да бидат дополнително тестирани.

- Се пријавија и 12 ученици што имаа понекоја четворка, но веднаш си ги повлекоа документите. Ќе бидат формирани 9 паралелки во прва година - рече директорот на гимназијата, Митко Димовски.

За медицинско голем интерес, квалификациони тестови во 3 училишта

Во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ се пријавиле 270 ученици за 262 места, кои ќе бидат распоредени во 8 класа. Отпаднале само осум ученици. Од запишаните, 255 се скроз одлични. Директорот Драган Арсовски вели:

- Во примените имаме и 17 ученици со дипломи од државни и меѓународни натпревари. Но има и ученици со понекоја четворка. Според искуството на оваа гимназија, токму од учениците што се запишале со некоја четворка излегуваат првенци на генерација - вели Арсовски.

Битолското медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“

Со измени во конкурсот, откако завршија и примените тестови и предавањето на документите, ќе почне со настава првата генерација на новата Математичко-информатичка гимназија во Скопје. Наместо најавените две паралелки, во прва година ќе има три: две на македонски и една на албански мајчин јазик.

Во средното медицинско „Панче Караѓозов“ во Скопје во прва година се предвидени 646 ученици, распоредени во 12 паралелки, на македонски и на албански јазик. Директорката Маја Салиу објасни дека интересот, како и секоја година, е огромен. Најмногу пријавени ученици има за медицински сестри. Во ова училиште ќе има квалификационо полагање на 22 јуни, но само за насоката медицински сестри на албански наставен јазик. Се пријавиле повеќе ученици со висок просек, односно 164.

Квалификациско тестирање ќе има во три училишта:
- СУГС "Панче Караѓозов" Скопје, настава на албански јазик, медицинска сестра
- СОУ "Димитар Влахов" Струмица, здравстврна струка, медицинска сестра
- СОУ "Ѓорче Петров" Прилеп, здравствена струка, медицинска сестра.
Квалификационо тестирање ќе има во три училишта во земјава. Освен во „Панче Караѓозов“ во Скопје, приемни ќе има и во „Димитар Влахов“ од Струмица, здравствена струка-медицинска сестра, и во средното „Ѓорче Петров" од  Прилеп, здравствена струка-медицинска сестра.


Средните стручни со зголемен интерес

Во гимназијата „Никола Карев“ од Скопје се пријавиле 312 кандидати, а се примаат 272. Директорот Тодор Патаџиев вели дека немале никакви проблеми во целиот процес на запишување и дека дури и во иднина би применувале таков протокол. Во ова школо нема потреба од втор уписен рок.

Во „Јосип Броз-Тито“ од Скопје е исполнета квотата во првиот уписен рок за наставата по македонски јазик. Пријавени се 380 ученици, од кои 340 за настава на македонски јазик. За да се формираат двете паралелки по турски јазик во кои можат да учат 68 ученици, ќе се реализира втор уписен рок.

Некои од средните стручни школи бележат рекорд во интересот во споредба со изминатите години. Во средното „Михајло Пупин“ во Скопје се пријавиле 219 ученици, од кои 140 се за насоката компјутерска техника и автоматика.

- Лани имавме 182 кандидати во првиот рок. Очекуваме да има интерес и во другите два уписни рока. Овој успех се должи на кампањата во која се вложивме - вели Димитар Георгиев, директор на училиштето.

Средното стручно училиште „Владо Тасевски“ / Фото: „Владо Тасевски“

Исто така, и во „Владо Тасевски“ бележат поголем успех од лани, и тоа за една третина. Пријавени се 250 ученици, од кои 220 за македонските, а останатите за албански паралелки.

Во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола најголем интерес полуматурантите покажаа за насоката медицинска сестра. Пријавени се 208 ученици, двата класа за медицински сестри се пополнети, а остануваат слободни места на другите насоки. Директорката Наташа Илиева вели дека морале да одбијат многу солидни ученици затоа што конкурсот подразбирал најмалку 70 поени.

Во стручното „8 Септември“ од Скопје, каде што лани се пријавиле 15 ученици, годинава има двојно повеќе. Директорот Кенан Асани е задоволен. Вели дека ако стигнат до 70 деца во трите рока, тоа ќе биде голем успех.

- Нè радува што расте бројот на одлични и многу добри ученици што сакаат да се запишат - вели Асани.

Во средното школо „Димитар Влахов“ во Скопје има 130 пријавени, што исто така е повеќе од лани. Најголем интерес има за фризери.


Подготвил: Весна И.Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk/Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема