X
 21.05.2026 Живот

Малта нуди бесплатен пристап до „Чет-ГПТ плус“ за сите граѓани - прво партнерство меѓу влада и „Опен АИ“

„Опен АИ“ го потпиша своето прво партнерство со национална влада, овозможувајќи им бесплатен пристап до платената верзија на „Чет-ГПТ“ на жителите на Малта. „Опен АИ“ и владата на Малта го објавија договорот со кој секој граѓанин ќе добие бесплатен едногодишен пристап до чет-ботот со вештачка интелигенција преку државната програма за описменување за вештачка интелигенција. Граѓаните и жителите регистрирани во малтешкиот систем за дигитален идентитет можат да се пријават по завршувањето на бесплатниот онлајн курс под името „АИ за сите“, кој го разви Универзитетот во Малта.

Според наводите на малтешката управа за дигитални иновации, курсот е осмислен за да им помогне на луѓето да разберат што е вештачка интелигенција, што може, а што не може да направи и како одговорно да ја користат дома и на работа. Според најавата, првата фаза од програмата ќе стартува овој месец.

Малтешката управа за дигитални иновации ќе управува со пристапот до бесплатните претплати и порача дека програмата ќе се шири како што сè повеќе луѓе ќе го завршуваат курсот.

- Со спојувањето на образованието со бесплатниот пристап до најнапредните дигитални алатки достапни денес го претвораме непознатиот концепт во практична помош за нашите семејства, студенти и работници - изјави Силвио Шембри, државен министер за економија, претприемништво и стратешки проекти.

Станува збор за прво партнерство од ваков вид.


- Малта покажа дека државите можат да им помогнат на граѓаните да имаат корист од трансформативниот потенцијал на вештачката интелигенција - изјави Џорџ Озборн, зборувајќи за иницијативата на „Опен АИ“. Партнерството е дел од растечкиот тренд меѓу владите кои бараат практични начини како да им помогнат на граѓаните да стекнат самодоверба во користењето на вештачката интелигенција и да ја применуваат во секојдневните задачи.

Минатата година „Антропик“ најави проект со кој на сите наставници во Исланд им се овозможува пристап до „Клод“ за да им помогне во планирањето на наставата, изработката на наставни материјали и административните задачи.

Во септември 2025 година „Опен АИ“ најави партнерство со грчката влада за да ја донесе својата технологија во средните училишта и стартапите низ целата земја.

Во февруари 2025 година, британската влада потпиша меморандум за разбирање со „Антропик“ со цел да го подобри начинот на кој граѓаните пристапуваат до владините информации и интернет-услугите и како комуницираат со нив.

Извор: mreza
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот