Потребите за енергија во лето се секогаш помали во споредба со зимскиот и есенскиот период, особено во регионите со умерена и студена клима како што е, на пример, европскиот континент.
Поради тоа, многу аналитичари претпоставуваа дека енергетската криза ќе заврши или драстично ќе се намали кога ќе дојде летниот период. Меѓутоа, денес гледаме дека тие претпоставки биле погрешни бидејќи енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува. Цените на енергентите (гас, нафта, јаглен) и на електричната енергија (на берзите) се сѐ уште високи. Уште повеќе, водечки политичари (на пример, Олаф Шолц од Германија, Александар Вучиќ од Србија) упатуваат соопштенија дека состојбите со енергијата наесен може да бидат катастрофални, дури и да нема доволно енергија за греење на домовите. За таа цел, уште сега се преземаат разни мерки за пребродување на очекуваниот недостиг на енергија.
На прво место се мерките за штедење на енергија, за што имав еден релативно краток напис кој беше објавен во неколку медиуми во април 2022. Сега сакам да обрнам внимание на неколку апели кои доаѓаат од земјите на Европската Унија (ЕУ), а во врска со нивните сугестии за штедење со намалување на температурата на воздухот во просториите во грејната сезона и со покачување на температурата при ладење на воздухот во летниот период. На пример, Одборот за општи работи на Бундестагот (Германија) неодамна одлучи сите простории на сојузниот Парламент во текот на летото да се ладат од 26 °C до 28 °C, а не како досега на 24 °C. Исто така, предвидено е во зима да се загреваат на 20, а не на 22 °C.
Слични мерки најавија и парламентите на 16 сојузни покраини во Германија. Се наведува дека во една сојузна покраина ова лето просториите наместо на 21 °C степен, ќе се ладат на 24 °C, а во зима ќе се греат на 20 °C наместо на досегашните 22 °C.
Јас сум прилично изненаден од овие информации, особено што доаѓаат од Германија каде што има висока техничка култура и знаење. За да сфатат читателите за што се работи, подолу ќе прикажам извадок од книгата „Енергија – Како да се заштеди“ напишана брз база на стручна литература.
Значи, погоре е наведено дека во германскиот Бундестаг досега просториите се ладеле до 24 °C, а во некои сојузни покраини до 21 °C. Ако се знае дека за секој еден степен пониска температура (во лето) се троши 10 до 15% повеќе енергија, тогаш се воочува многу поголема потрошувачка на енергија, а со тоа и многу поголеми емисии на стакленички гасови бидејќи Германија троши многу фосилни горива за производство на електрична енергија.
Во некоја друга пригода ќе објаснам зошто и колку повеќе енергија се троши за секој степен повисока или пониска температура соодветно во зима или лето.
Во зависност од намената на објектите, има периоди кога во просториите не престојуваат луѓе, како на пример во службени простории ноќе и во деновите на викенд. Тогаш треба системите за ладење (греење) да се исклучуваат од работа. Има и други финеси на располагање што се реализираат со дигитална автоматизација, или денес популарно употребуваниот термин “smart buildings” („паметни згради“). За можните начини за штедење енергија може многу да се прикажува, но просторот во овој текст е недоволен за тоа.
Како да се намалат потребите за енергија и како да се заштеди енергијата, граѓаните можат повеќе да дознаат од книгата „Енергија – Како да се заштеди“.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет - Скопје