X
 29.06.2021 Наука

Земјата задржува двојно повеќе сончева енергија од порано. Знаете ли зошто?

Земјата задржува двојно повеќе сончева топлина сега отколку пред 14 години, покажуваат резултатите од едно ново истражување.

Истражувачите анализирале податоци од повеќе сателити за набљудување на Земјата на американската вселенска агенција НАСА. Податоците се собираат за да се измери количеството енергија што ја апсорбира планетата и количеството што го рефлектира назад во вселената во облик на инфрацрвена радијација.


Фото: Pixabay

Истражувањето открило дека во периодот од 2005 до 2019, разликата помеѓу енергијата што се прима и таа што се рефлектира двојно се зголемила во споредба со годините претходно. Истражувачите ги потврдиле резултатите користејќи податоци за загревањето на океаните во светот, кои апсорбираат до 90% од вишокот енергија што ја заробува планетата.

Според тимот, зголеменото количество заробена енергија е резултат на природни процеси и процеси предизвикани од човекот, како зголемената концентрација на гасови како јаглерод диоксид во атмосферата на Земјата. Во меѓувреме, топењето на мразот предизвикано од глобалното затоплување го намалува количеството на енергија што планетата ја рефлектира од површината.


Фото: Pixabay

Меѓутоа, истражувачите велат и дека природен циклус на промени во температурата на Тихиот океан придонесува за зголеменото задржување на енергијата.

Според истражувачите, иако истражувањето анализира краток временски период, резултатите покажуваат дека може да се очекуваат дури и полоши ефекти од глобалното затоплување отколку што се очекувало претходно доколку трендот на загревање продолжи со исто ниво.

Извор: Space
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука