Еколошки освестените љубители на кафе имаат нова мета - стилски дотеран урбан велосипед наречен RE:CYCLE, направен од 300 искористени капсули од брендот „неспресо“. Велосипедот е достапен на интернет-страницата на производителот и чини 1.290 евра.
Станува збор за уште еден обид на оваа компанија да ја докаже својата преданост кон циркуларната економија. Имено, освен што компанијата за производството на капсулите со години користи само алуминиум, кој е подобен за рециклирање, таа во соработка со шведскиот стартап „
Велософи“ учествувала и во производството на овие ековелосипеди.
Зад брендот стои Џими Естхолм, кој порано работел во шведскиот гигант ИКЕА и кој и самиот призна дека искуството во таа компанија го научило на важноста на рамнотежата меѓу цената и квалитетот на производот на пазарот.
- Сакам мојот производ да го задржи врвниот квалитет, но исто така сакам што повеќе луѓе да можат да си го дозволат мојот велосипед -
истакна тој.
Велосипедите моментално не се достапни во малопродажба, туку може да се набават исклучително на официјалната страница на „Велософи“.
Според неодамна спроведеното истражување на британскиот стартап „Хало“, годишно во природата се фрлаат повеќе од 56 милијарди капсули за кафе кои се за еднократна употреба.