X
 21.12.2018 Живот

Пред да ги спакувате куферите и да заминете за Германија, треба да ги знаете овие работи

Од 1 јануари ќе биде многу полесно вработувањето во Германија бидејќи тамошната влада усвои нов закон за вселување на стручна работна сила за која ја поедностави процедурата за работниците од третите земји. Сепак, колку и да се олеснети процедурите, пред да ги спакувате куферите, треба да ги имате сите информации.

Германија и понатаму има проблем со недостиг на медицински сестри и техничари. Ако одите да работите во оваа струка, тоа значи дека ве чека многу работа. Лошата страна е дека на работа ќе ве викаат и кога сте слободни, а добрата работа е што ќе ви биде дополнително платено, од 80 до 100 евра по повик.

Тука доаѓаме до клучната работа - платите. Секако дека платата е многу поголема отколку во балканските земји, но треба да се земат предвид и високите трошоци за живот, како и дискриминаторниот данок. Германија најмногу ги оданочува оние што не се во брак и немаат деца. Ним од бруто-платата им се одбиваат околу 40 отсто за даноци и придонеси. Притоа, бракот што е склопен во матичната земја не важи, освен ако во Германија не сте отишле заедно со сопругот/сопругата и децата.

germanija
Фото: Profimedia


Тоа значи дека немажена Македонка или омажена што отишла сама во Германија, од 2.220 бруто-плата за медицинска сестра, ќе добива 1.230 евра на сметка.

Инаку, во Германија најмногу се бараат:

- Негувателки;
- Медицински сестри;
- Лекари;
- ИТ-експерти (особено софтвер и девелопер-инженери);
- Занаетчии од секаков вид, а најмногу водоинсталери;
- Електроинженери;
- Наставници (особено по математика и по други природни науки);

Минималната плата е 1.300 евра и главно ја примаат занаетчиите. Негувателките и медицинските сестри добиваат плата од 1.300 до 1.800 евра, додека лекарите и ИТ-експертите работат за нето-плата од 3.000 до 6.000 долари. Треба да се земе предвид дека платите во Германија драстично се разликуваат од регион до регион.

Од платата најмногу пари треба да се издвојат за стан, кој може да изнесува 800 евра и повеќе. Од друга страна, храната е евтина, а многу од производите се поевтини и од Македонија.

И на крај, ако сте и понатаму решени да заминете, околу процедурата не мора да се грижите. Она што мора да го исполнувате е одредено ниво на знаење на германскиот јазик. Највисоко ниво на знаење Б2 - Ц1 е потребно за следните професии: фармацевт, оператор на развој на софтвер, веб-девелопери.

Ниво Б1 и Б2 (во зависност од регионот) се потребни за негуватели, терапевти, вработени во услужни дејности, стручен персонал во хотелиерството, превоз на луѓе, персонал во болници, квалификувани работници, квалификувани електричари со дозвола за приклучување на струја, професии со положен мајсторски испит, инсталатери. Најниско ниво А1 - А2 е неопходно за возачи на камиони, работници помошници и помошен персонал во кујните.

Според новите прописи, во Германија можете да одите и пред да најдете работа, па да барате работа директно таму. Исто така, новост е тоа што можете да работите додека чекате нострификација на дипломата.

Работниците ќе можат да се пријават за постојан престој доколку четири години постојано имаат дозвола за престој, работат и плаќаат пензиски систем најмалку 48 месеци. Доколку професионалните квалификации ги стекнале во Германија, тој период е скратен на три години.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот