X
 20.05.2022 Живот

Тренчевска: Од 1990 до 2019 година иселувањето од Македонија достигна 32 % од вкупното население

Актуелните демографски трендови во Македонија не се поволни. Државата се соочува со негативни демографски движења и тоа се манифестира со пораст на емиграцијата во странство, рече ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, Изет Зеќири, на Меѓународната конференција за миграцијата насловена „Луѓе во движење, државјанство, идентитет и развој“.

Според ректорот Зеќири, демографскиот потенцијал на една држава е главниот предуслов за развој и креирање какви било политики и проектирање иден економски, политички, образовен, здравствен и друг развој. Тој посочи и дека населението е еден од најважните фактори на општеството, на економскиот развој на секоја земја. Населението, како што истакна ректорот, има големо значење за обемот, структурата и развојот не само на производството, туку и на целокупната општествена економска активност на една земја.

- Денеска во Северна Македонија има краеви во кои возрасната група над 65 години и повеќе учествува со над 20 проценти во вкупното население, а младото население до 20 проценти, што е алармантна ситуација. Во областа на економијата стареењето влијае врз економскиот раст, штедењето, инвестициите, производството, работната сила, пензиите, даноците. Во социјална смисла, стареењето влијае и врз структурата на семејството и уредување на животот, побарувачката на домаќинствата, миграциските трендови, епидемиологијата и здравствената заштита - рече Зеќири.

На конференција се обрати и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која истакна дека преку подобрување на условите за странски работници и поедноставување на законските процедури, државата придонесува во намалувањето на дефицитот на работна сила.

- Во контекст на нашата држава, според статистика на ОН, се проценува дека во периодот меѓу 1990 и 2019 година повеќе од 200.000 Македонци заминале во странство за подобар живот, со што вкупното иселување достигна неверојатни 32 % од вкупното население - посочи министерката.

Според Тренчевска, пазарот на труд во државата функционираше сосема добро во минатата деценија.

- Иако стапката на учество бавно растеше, стапките на вработеност и невработеност покажаа значајни подобрувања. Стапката на вработеност (15-64) порасна од 44% во 2011 година на 54,7% во 2019 година, додека стапката на невработеност (15-64) опадна од 31,9% на 17,5% во истиот период. Младите, кои се соочуваа со разни пречки на пазарот на труд, сега се соочуваат со поповолни услови, кои сепак се далеку од условите што постојат во ЕУ-27. Стапката на невработеност на младите опадна од 55,5% во 2010 година на 35,8% во 2019 година - рече Тренчевска.

Заменик-министерот за образование и наука Љулзим Алиу, кажа дека стратешка цел на Владата и на Министерството за образование и наука е преку инвестиции во квалитетно образование да поттикнеме побрз, поинклузивен и поодржлив економски раст. Искуствата од развиените земји кон кои се стремиме, според Алиу, покажуваат дека квалитетното образование ги зголемува примањата во текот на животот и е еден од трите клучни сегменти, заедно со здравството и социјалната заштита, кои влијаат врз квалитетот на живот, а со тоа и го намалуваат одливот на мозоци.

За да се обезбеди квалитетно образование, споредливо со она од земјите со докажани образовни системи, се одвива темелна реформа на деветтолетката која, како што посочи заменик-министерот, има цел учениците во текот на основното образование да стекнат вештини за критичко размислување и решавање проблеми.

- Инвестиции во образованието и создавање стручен кадар кој е брзо вработлив, се клучни барања што ги слушаме од младите. Затоа правиме промени и во средното стручно образование кои овозможуваат изучување на струки кои ги бараат компаниите. Преку учење низ практична работа во реални производствени услови им овозможуваме на младите луѓе да стекнат компетенции, знаења и вештини кои ги прават поконкурентни на пазарот на труд, но исто така овозможуваат проодност кон универзитетите -  рече Алиу.

Конференцијата е организирана во партнерство со Универзитетот во Сасари-Италија, Универзитетот во Приштина-Косово, Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид и невладината организација „Легис“ од Скопје.

Извор: МИА
Фото: МТСП

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот