22.03.2023
Култура
Владата донесе одлука за основање национална установа Оркестар за џез-музика
Владата донесе одлука за основање национална установа Оркестар за џез-музика во Република Северна Македонија - Скопје. Како што истакнаа од Владата, се очекува новата установа да создаде висококвалитетен македонски џез-производ кој ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез-сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.
- Основна дејност на оваа установа, како што е образложено од ресорното Министерство, е предвидено да биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување висококвалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови кои гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век. Оваа установа ќе ги зачува талентираните џез-музичари што ги има, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негувањето на џез-културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез-музика во земјата и надвор од неа, а ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез-фестивали и настани кои ќе помогнат во негувањето на џез-културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност - стои во соопштението од Влада.