X
 22.12.2021 Живот

Нема нови рестрикции за новогодишните празници

Намален е бројот на заболени и се затвораат дел од ковид-болниците, соопшти министерот за здравство

Нови рестриктивни мерки за заштита од ковид-19 непосредно пред новогодишните празници нема да има. Дел од ковид-центрите, поради намалениот број заболени, од следната недела ќе се затвораат, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека состојбата со новозаболени засега е мирна и дека големи собири, како оние што ги има за новогодишните празници, имало и досега, нагласувајќи дека според сегашната епидемиолошка состојба во земјата, досегашните рестриктивни мерки се доволни.

Дополнителни рестриктивни мерки по консултациите со Комисијата за заразни болести Министерството за здравство нема да предложи ниту за влез ниту за излез од земјата.

- Сметаме дека она што е сега препорака и за влез и за излез во земјата, а тоа е да се бара потврда за целосна вакцинација или потврда за прележан ковид-19, се сосем доволни. Ова мислење е донесено имајќи го предвид тоа што дел од ковид-болниците се затвораат и намален е бројот на заболени. Од почетокот на следната недела дел од интерните клиники се враќаат во нормална работа, се затвораат одделите за ковид-19 на клиниките за неврологија и дерматовенерологија. Сите ковид-пациенти ќе бидат на Инфективна клиника и Институтот за ТБЦ бидејќи состојбата е мирна - рече Филипче и додаде дека не можат да предвидат дали тоа ќе остане така и понатаму, и дали некоја нова варијанта на вирусот нема да ја промени епидемиолошката состојба.

Воедно, рече дека затоа се става акцент на вакцинацијата, бидејќи според најновите податоци, ефикасноста на вакцините против новиот вид омикрон се зголемува со трета бустер-доза.

- Според податоците, кога се прима третата бустер-доза, ефикасноста на вакцините се зголемува за неколку десетици проценти. Затоа апелираме да продолжи вакцинацијата и граѓаните со две дози да примат и трета - рече Филипче.

Анкета: Дали би отишле на организиран пречек за Нова година?

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот