На еден Британец му е наложено да врати 118.000 долари што ги заработил на престижни работни места откако било откриено дека лажел за своите квалификации во резимето.
Вака пресуди британскиот Врховен суд, кој ја поништи одлуката на Апелациониот суд дека не мора да ги врати парите бидејќи си ја завршил работата за која лажел за да ја добие.
68-годишниот Џон Ендрјус веќе одлежал две години затвор откако се изјаснил за виновен за измама во неговото резиме, што му донело работа како претседател на два фонда на Националната здравствена служба и еден во геријатриска болница. Тој ја вршел функцијата во геријатриската болница од 2004 до 2016 година, кога била откриена неговата измама, по објавувањето на плановите за предвремено пензионирање.
Ендрјус се нарекувал себеси д-р Џон Ендрјус и тврдел дека има докторат од Универзитетот „Плимут“, првокласни додипломски и магистерски студии од Универзитетот во Бристол, како и магистерски по бизнис-администрација од Единбург. Тој, исто така, лажно тврдел дека работел за Министерството за внатрешни работи, како и во одделот за приходи и царини на британската Влада.
Фото: Freepik
Во реалноста, тој немал ниту една од овие квалификации. Имал сертификат за социјална работа и бил градежен работник, службеник за условни казни и цариник пред да одлучи да почне да лаже дека е доктор на науки.
Со тоа измислено искуство, Ендрјус успеал да се вработи во геријатриската болница, а потоа и да ги добие работните места директор и претседател на фондовите. Одборот што го интервјуирал за една од позициите го нарекол извонреден избор и го избрал токму него од 116 кандидати.
Во 2016 година тој се изјасни за виновен за измама и стекнување финансиска добивка со фалсификување. Судијата што го осуди рече дека неговиот надворешен престижен живот се заснова на лага, поточно на серија неверојатни лаги.
- Тие беа повторени лаги за вашето образование и работно искуство, лаги со кои сте добиле одговорни позиции кои веројатно, ако не и сигурно, не би ги добиле, позиции во кои чесноста и интегритетот биле суштински квалитети. Се разбира, поради вашата измама, добивте приход што не требаше да го добиете. Тоа што го направивте значи дека извршувавте одговорни улоги што не требаше да ги извршувате и неизбежно предизвикавте штета на довербата на јавноста во организациите што ги измамивте - изјави судијата.
Во тоа време обвинителите поднесоа барање за враќање на парите за кои рекоа дека со измама ги заработувал повеќе од 10 години како директор на геријатриската болница. Ова беше отфрлено од Апелациониот суд. Оваа недела Врховниот суд на Велика Британија ја врати казната. Тој пресуди дека враќањето на целата сума (760.000 долари) би било претерано и дека „средна сума“ би била најсоодветна со оглед на тоа што тој си ја завршил работата за која бил платен.
- Ендрјус заврши добра работа како извршен директор и редовно беше оценуван како извонреден - изјавија судиите. Нивната одлука е тој да врати 118.000 долари.
Денес, Ендрјус со сопругата води компанија за завеси и ролетни.