Иако платите растат, во последните месеци нивната вредност прилагодена за инфлацијата е речиси непроменета, а некогаш и пониска во однос на минатата година.
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во Македонија во април изнесувала 31.525 денари, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика. Оваа номинална вредност на просечната плата е повисока за 10,9 отсто во однос на минатиот април.
Меѓутоа, доколку се погледне реалната вредност на просечната нето-плата, односно вредноста што е прилагодена за инфлацијата, просечната нето-плата во април се зголемила за само 0,3 отсто, во однос на минатиот април. Со други зборови, инфлацијата речиси го анулирала годишниот раст на просечната нето-плата во април.
Слична е ситуацијата и за претходните месеци. Во јануари и февруари годинава се забележува негативна стапка на раст на реалната нето-плата во земјава, од 0,6 отсто и 0,8 отсто под минусот, соодветно. Годишниот раст на просечната нето-плата прилагодена за инфлацијата во октомври, ноември и декември бил помал од 1 отсто.
Зошто животниот стандард не се подобрува иако растат платите?
На графикот во продолжение е прикажана споредба помеѓу годишната стапка на инфлација, односно годишната промена на трошоците за живот и годишниот раст на реалната нето-плата од април 2021 до април 2022.
Извор за податоци: Државен завод за статистика
Од него се забележува дека годишното зголемување на реалната нето-плата било поголемо од стапката на инфлација од април до јуни минатата година, но ситуацијата се менува од јули, кога стапката на раст на реалната нето-плата не ја следи брзината на растот на трошоците за живот.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика, трошоците на животот во мај 2022 година бележат зголемување од 11,9 отсто во однос на мај 2021.
Насловна фотографија: Freepik