Шкотските авантуристи Крис и Џули Ремзи во 2017 година поминале 16.000 километри со својот автомобил „нисан лиф“. Веднаш по патувањето тие почнале да ја планираат својата нова електрична авантура.
Планот бил со електричен автомобил да патуваат од Северниот до Јужниот Пол. Тоа никој не успеал да го направи ниту со класичен автомобил. Иако за многумина овој предизвик звучи невозможен, шкотскиот пар успеал да стигне до крајната дестинација за 9 месеци и поминал околу 30.000 километри.
Тие тргнале на патувањето од Северниот Пол, па ги поминале Северна и Јужна Америка, а патувањето го завршиле на Антарктикот. За патувањето користеле „нисан арија“, електрично возило на кое му биле модифицирани само гумите. Поради гумите и опремата, досегот на електричниот автомобил бил помеѓу 240 и 320 километри, помалку од вообичаените 435 километри за овој автомобил.
Што се однесува до полнењето на батериите, возењето низ Северна Америка било едноставно, а биле потребни партнери во Средна и од Јужна Америка. Таму компанијата „Енел икс веј“ инсталирала полначи на патеката по која се движел парот. За време на патувањето, тие користеле и мала ветерна турбина и прототип од соларно хибридно решение за полнење. Кога тоа не било доволно, користеле бензински генератор.
- Не можам да верувам дека сме на Јужниот Пол. По толку години планирање, изгледа нереално. Секогаш имав доверба во неверојатните можности на електричните возила и знаев дека нашата „нисан арија“ може да ги поднесе сите предизвици. Но беше потешко отколку што очекував - коментирал Крис.
Извор:
Zimo
Насловна фотографија:
Nissan