X
 06.03.2020 Здравје

Треба ли да патувате за време на кризата со коронавирусот?

Затворени училишта, откажани настани и конференции, поскапени или распродадени маски... Со десетици илјади заразени со новиот коронавирус во повеќе од 35 земји, не е неразумно и да се двоумите околу долго планираниот одмор. Треба ли да го откажете патувањето? И ако е така, колку ќе ве чини тоа? И ако размислувате да си уплатите патување, што треба да правите?

Официјалниот став

Американскиот Центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) препорачува избегнување на сите патувања во Кина, Иран, Јужна Кореја и Италија ако не се толку важни. Ако сте повозрасно лице или имате хронична болест, агенцијата посочува засега да размислите за одложување на патувањето и во Јапонија. Внимавајте на овие извештаи, особено ако патувате во други земји: ситуацијата се менува многу брзо и советите на службите може да се сменат.

Ако го игнорирате овој совет или не можете да го одложите патувањето, веројатно треба да се подготвите за карантин кога ќе се вратите. Британското министерство за здравство и социјална грижа бара од патниците што неодамна биле во Вухан или Хубеј во Кина, Тегу или Чеонгдо во Јужна Кореја, Иран или некој италијански град кој е во карантин, сами да се изолираат кога ќе се вратат во Велика Британија. Американските граѓани на враќање ќе бидат подложени на скрининг од страна на персоналот во ЦДЦ и ако имаат симптоми, ќе се соочат со некое ниво на рестрикција на движењата, кое ќе трае две недели од денот кога ја напуштиле Кина.

Што да правите ако треба да го откажете вашето патување?

Ако морате да го промените или откажете вашето патување, без разлика дали затоа што не се чувствувате добро или затоа што би сакале да избегнете ризик, еве што треба да направите.

Најпрвин, проверете ги политиките на вашиот хотел, авиокомпанијата или туристичката агенција. Многу од нив веќе усвоија пофлексибилни политики од вообичаено. Одредени авиокомпании ги суспендираа таксите што ги наплаќаат за промена и откажување на лет. Хотелските синџири сѐ повеќе им дозволуваат на гостите да ги откажат резервациите до неколку дена пред патувањето, како и компаниите за изнајмување автомобили. Кога станува збор за „Ербиенби“, политиката за откажување зависи од сопствениците, а не од компанијата. Ако авиокомпанијата или агенцијата која организира крстосување го откажува вашето патување, веројатно ќе ви бидат вратени парите. Во најголемиот број случаи авиокомпаниите го враќаат целиот износ за откажаните летови. Може да ви биде понудено и ребукирање на лет со друга компанија или можност за одложување на патувањето.

Ако авиокомпанијата не ви дозволува да го откажете патувањето, проверете кои се казните на вашето патничко осигурување. Во повеќето случаи може да немате среќа бидејќи ако сте осигурани преку кредитната картичка, не е многу веројатно дека ќе ви бидат вратени парите. Ако го откажувате патувањето поради болест или зашто вашиот лекар или локалните власти ве советувале да останете дома, може да имате повеќе среќа со враќањето на парите.

Фото: Pixabay

Како да патувате безбедно?

Надвор од погодените области, СЗО не препорачува откажување на патувањата и не наметнува никакви забрани.

Сепак, сега повеќе од кога и да е, клучно е да внимавате на хигиената. Мијте ги рацете со сапун и вода, покривајте ги носот и устата кога кашлате или кивате и колку што е можно повеќе одбегнувајте го допирањето на устата, очите и носот. Не ви е потребна хируршка маса, но можеби ќе сакате да си носите антисептички марамчиња, како и дезинфекциски средства. Не грижете се за рециклираниот воздух во авионот бидејќи повеќето летала имаат ХЕПА-филтри, кои целосно го освежуваат воздухот на секои две до три минути.

Исто така, водете сметка и за вашето здравје. Спијте доволно, хидрирајте се и осигурете се дека вашето тело добива доволно витамини Ц и Д.

Извор: Quartz
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје