X
 24.06.2020 Живот

Колдплеј, Шакира и Мајли Сајрус в сабота ќе одржат онлајн-концерт

Глобалните лидери ги спојуваат силите со меѓународен состав на артисти, меѓу кои и Шакира, Колдплеј и Мајли Сајрус, за историски настан на 27 јуни наменет за собирање средства за борба против Ковид-19.

Иницијативата го одбележува заклучокот на кампањата „Глобална цел: Да се обединиме за нашата иднина“, лансирана од ЕУ и активистичката група „Глобал ситизен“ за финансирање на истражувањата за вакцина за коронавирусот и за да им се помогне на заедниците погодени од пандемијата на праведен начин.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, истакна дека настанот ќе биде вистински и редок момент на глобална обединетост и додаде дека артистите ја имаат моќта да инспирираат промена.

 - ЕУ е целосно посветена на обезбедување фер пристап до достапна вакцина, колку што е можно поскоро, за сите на кои им е потребна. Обединети, знам дека можеме да го направиме светот побезбедно место - истакна таа.

Освен горенаведените артисти, ќе има перформанси и на Ашер, Џенифер Хадсон, Џастин Бибер и многу други ѕвезди. Точното време кога ќе почне концертот сè уште не е познато.

Настанот ќе може да се гледа на порталот на аудио-визуелниот сервис на ЕК, како и на профилот на комисијата на Фејсбук, Твитер и Јутјуб, а во живо ќе биде емитуван на страницата на „Глобал ситизен“ и на профилите на социјалните мрежи.

Пред глобалниот концерт ќе има самит воден од Урсула, а на дискусијата ќе се приклучат меѓународни експерти и активисти.

Иницијативата предводена од ЕУ веќе има собрано речиси 10 милијарди евра.

Извор и насловна фотографија: Euronews

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот