X
 24.08.2020 Технологија

„Фејсбук“ создава робот што ќе ви помогне да си го најдете телефонот

„Каде ми е телефонот?“ е прашањето што многумина од нас го поставуваат минимум десет пати во текот на денот и е често проследено со очајно јавување и пребарување на троседите.

Но, „Фејсбук“ работи на нешто што би можело да ја претвори оваа потрага во минато. Фејсбук-тимот за вештачка интелигенција создаде решение - домашниот робот може да ви ја заврши оваа „тешка и очајна“ работа реагирајќи на едноставни команди како „донеси ми го мојот телефон кој ѕвони“. Проблемот е што виртуелните асистенти што моментално ги користиме немаат баш големо разбирање за просторот. Дури и ако препознаат звуци, тешко дека можат да детектираат од каде доаѓаат. За да го реши овој проблем, новата истражувачка алатка „Саундспејсес“ треба да ѝ помогне на вештачката интелигенција да „сфати“ што е просторот и како да се движи во него.

Наместо да користи база на податоци, како што го прават тоа традиционалните методи на вештачка интелигенција, овој пристап ги тера роботите (и виртуелните асистенти) да учат од сопственото искуство за светот околу нив. Така, „Саундспејсес“ ја учи вештачката интелигенција за 3Д-околината низ реалистични звуци што се појавуваат и надвор и во затворени простори. Така, вештачката интелигенција може да идентификува различни звуци, но и да одреди од која насока доаѓаат.

Исто така, истражувачите на „Фејсбук“ развиле алатка наречена „Семантик мап нет“ која би требало да ја научи вештачката интелигенција како да истражува, набљудува и да запомни непознати простори преку создавање 3Д-карти. Системот подоцна може да ја користи оваа 3Д-карта за снаоѓање и движење низ просторот.  Како што истакнуваат од „Фејсбук“, тие морале да создадат целосно нови модели на меморија кај вештачката интелигенција и роботите за тие да можат да ги користат на ист начин на кој тоа го прават луѓето.

Овие и другите алатки развиени во „Фејсбук“ во рамките на проектот за развој на „домашни роботи“ беа објавени на симулациската платформа „АИ Хабитат“, на која и другите научници можат да изведат експерименти и да ги споредуваат резултатите. Долгорочно, планот е да развијат системи на вештачка интелигенција што ќе имаат различни сетила (како вид и слух), а кои би можеле да изведуваат едноставни задачи во реалниот свет. На пример, ќе му помогнат на слепо лице да ги најде клучевите што ги испуштило или ќе предупреди на некој звук што човечкото уво не може да го детектира, на пример, телефон што вибрира во софата.

Но, ќе мора да почекаме барем уште неколку години пред роботи со ова ниво на интелигенција да станат достапни за нас. Од „Фејсбук“ истакнуваат дека е можно овој вид интелигенција да биде вградена и во автономни автомобили, со што би им се овозможило да „учат“ за светот околу себе и да препознаваат предмети и пред да ги видат луѓето.

Извор: ZDNet
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија