Човекот не е совршен, знае и да згреши, но љубовта што ја дава, барем накратко (онаа таинствената) е најсилна и вистинска, вели режисерката Катерина Габунија
Во Кинотеката на Македонија, на 30 ноември со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде прикажан третиот краток филм за старо Скопје „Човек - лав стори“, чиј автор е Катерина Габунија, која е носител на проектот е НУФЦ Вардар филм - Скопје.
Третиот дел од филмот „Човек - лав стори“ е дел од проектот Тајните архиви на Скопје, кој е поддржан од Град Скопје, а реализиран во соработка со Кинотеката на Македонија. Овој проект е инициран, режиран и координиран од Габунија, а монтажата и дигитализацијата се на Александар Трајковски.
- Третиот дел од серијалот филмови за Скопје и скопјани претставува колаж од дигитализирани 8-милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје. Во овој трет дел акцентот е на љубовта. Таа ги спојува сите генерации и ги поврзува минатото и сегашноста. Љубовта е најсилната емоција што секогаш ја освојува публиката пред филмското платно. Слатка, возбудлива и горка, сме ја искусиле сите и најлесно ни е да се соживееме и да ја разбереме таа емоција. Љубовта е наша движечка сила, која нѐ мотивира да твориме.
„Човекот“ не е совршен, знае и да згреши, но љубовта што ја дава, барем накратко (онаа таинствената) е најсилна и вистинска - вели режисерката Габунија.
Нефилмуваната љубов на скопјани е послатка и пореална од совршената. Процесот на реализација на овој проект, како и досега, започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 и супер 8 мм ленти. Се продолжи со дигитализација и дигитална обработка на истите, а потоа се премина кон монтажа на слика и звук.
На овој начин преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 и супер 8 мм) од домашната архива на скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат или ќе бидат неупотребливи.
Фото: приватна архива