Свесна за животниот век на овие ленти, сакав, пред сè, да ги зачувам спомените од мајка ми. Некако природно и во таа насока се роди и се разви идејата за „Тајните архиви“
„Тајните архиви на Скопје“ е филм кој претставува една емотивната приказна за главниот град, составена од архивски снимки што скопјани во минатото ги зачувале на 8-милиметарска филмска лента. Откако публиката се воодушеви од она што го содржи документарниот филм во две продолженија, филмскиот производ доби поддршка од Град Скопје да се сними и трет дел.
Целта на „Тајните архиви“ е да се зачува и афирмира современото културно наследство на Скопје, а преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 мм и супер 8 мм) од домашната архива на скопјани се открива скриено богатство за животот во градот. За филмот, за реакциите од публиката, за идните планови, разговараме со Катерина Габунија, режисерка на филмот.
Третпат по ред добивате поддршка од градските власти за снимање ново продолжение на „Тајните архиви на Скопје“. Покажува ли ова дека ваков филмски производ им недостигал на скопјани?
Да, веќе третпат Град Скопје ни ја дава поддршката за реализација на овој проект. Сè поголемиот интерес за проектот и подршката од институциите и граѓаните се потврда дека „Тајните архиви“ навистина е проект кој му недостигал на градот. Целта на снимањето на филмот е да се зачуваат драгоцените документи на граѓаните кои, доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.
Какви се реакциите на публиката?
По првата премиера бев позитивно изненадена од реакцијата на публиката и на медиумите. Интересот за вториот дел беше уште поголем. По втората премиера на 10 август сè повеќе граѓани се заинтересирани да бидат дел од овој проект. Освен тоа, на мое големо задоволство, сè повеќе институции сакаат да го спонзорираат и да бидат партнери и соработници. „Тајните архиви“ секоја година се развива во еден посериозен и поквалитетен проект.
Кога да ја очекуваме премиерата на третиот дел од филмот?
Најверојатно тоа ќе се случи до почетокот на декември. Би сакала тоа да е Денот на Скопје (13 Ноември), но зависи од повеќе фактори, меѓу кои и здравствените протоколи, како и од тоа како ќе се развива пандемијата во периодот што ни претстои.
Како се роди идејата да создадете едно вакво филмско дело?
Идејата за филмот се роди пред нецели четири години, кога заедно со Управниот одбор на „Вардар филм“ размислувавме во правец на архивирање и дигитализација на филмското културно наследство.
Осум и супер 8-милиметарски ленти ми биле отсекогаш интересни и уживав како дете во домашните проекции на аматерски снимки на моите родители. Свесна за животниот век на овие ленти, сакав, пред сè, да ги зачувам спомените од мајка ми. Некако природно и во таа насока се роди и се разви идејата за „Тајните архиви“.